ЕОвој викенд на социјалните мрежи се одвиваа две паралелни реалности. Доделувањето на наградите Греми 2026 пристигна во Лос Анџелес во полн сјај – црвени теписи преполни со ѕвезди, гламурозни забави и настапи што станаа вирални ја преплавија интернет-сцената. Истовремено, низ САД се ширеше бран протести против американската Имиграциска и царинска служба (ICE), далеку оддалечен од гламурот на музичката индустријам, пишува Index.hr.
Протести низ целата земја
Во деновите пред доделувањето на Греми-наградите, демонстранти се собраа во повеќе градови низ САД, вклучително и во Лос Анџелес, за да се спротивстават на заострените имиграциски мерки на администрацијата на Доналд Трамп, депортациите и користењето федерални агенти во американските градови.
Протестите беа поттикнати од серија инциденти во Минеаполис, каде што федерални имиграциски службеници минатиот месец смртоносно застрелаа двајца американски државјани – 37-годишната поетеса и писателка Рене Гуд и 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети.
Снимката од убиството на Прети брзо се прошири на интернет и очигледно беше во спротивност со првичните официјални изјави за околностите на пукањето, што дополнително го зголеми гневот и повиците за одговорност.
Пораки од сцената
Преминот од оваа мрачна реалност кон гламурозната доделба на награди може да изгледа неповрзано, но уметноста често е начин да се изрази и осмисли токму таа напнатост. Независниот новинар Дон Лемон, кој минатиот месец беше приведен додека известуваше од анти-ICE протестите, прошета по црвениот тепих.
Набргу потоа, водителот Тревор Ноа во воведниот монолог изјави: „Вечерва без вознемиреност, само добри вибрации“, но ова звучеше како празна желба, особено ако се има предвид дека само неколку моменти претходно, со гласен аплауз од публиката, ја исмеваше „обожавателката број еден“ на претседателот Трамп – Ники Минаж.
За дел од уметниците, судирот меѓу славјето и кризата беше невозможно да се игнорира.
Bad Bunny
Bad Bunny, примајќи ја Греми-наградата за најдобар албум во категоријата Música Urbana, започна со директна порака: „ICE надвор“. Потоа повика на емпатија и солидарност.
„Ние не сме дивјаци. Не сме животни. Не сме странци. Ние сме луѓе. И ние сме Американци“, изјави порториканскиот музичар.
Осврнувајќи се на ширењето на непријателството, додаде дека луѓето понекогаш стануваат „contaminados“ – затруени – од омраза.
„Единственото нешто помоќно од омразата е љубовта. Ако се бориме, мора да се бориме со љубов. Да не ги мразиме. Да го сакаме својот народ. Да ги сакаме своите семејства. Така се прави – со љубов“, рече Bad Bunny.
Billie Eilish
Добитничката на наградата за песна на годината, Били Ајлиш, на крајот од својот говор наводно изговори „Е*и се ICE“, што беше брзо цензурирано во преносот.
„Никој не е илегален на украдена земја“, изјави таа.
„Тешко е да се знае што да се каже и што да се направи сега. Се чувствувам многу инспирирано во оваа сала. И чувствувам дека мора да продолжиме да се бориме, да зборуваме и да протестираме. Нашите гласови се навистина важни, а луѓето се важни.“
Kehlani
Kehlani, примајќи ја наградата за најдобра R&B изведба во делот од церемонијата пред главниот пренос, ја искористи победата како повик за заедничка акција.
„Сите во оваа сала, и сите што подоцна ќе бидат тука, се неверојатно моќни“, рече таа.
„Заедно сме посилни и можеме погласно да зборуваме против сите неправди што моментално се случуваат во светот.“
Говорот го заврши со директна порака: „Ќе завршам вака – е*и се ICE.“
View this post on Instagram
Shaboozey и Olivia Dean
Слични пораки испрати и кантри-пејачот Shaboozey, кој заедно со Jelly Roll ја освои наградата за најдобра кантри дуо/групна изведба.
„Имигрантите буквално ја изградија оваа земја“, изјави тој.
„Ова е за нив. За сите деца на имигранти и за оние што дојдоа во оваа земја во потрага по подобра шанса.“
Добитничката на наградата за најдобар нов уметник, Оливија Дин, нагласи колку имиграцијата е длабоко вплеткана во личниот и уметничкиот успех.
„Тука стојам како внука на имигранти“, рече британската пејачка.
„Јас не би била тука. Јас сум производ на храброста и мислам дека тие луѓе заслужуваат да бидат славени. Едни без други не сме ништо.“
Црвениот тепих како платформа за протест
Дел од уметниците го искористија црвениот тепих како платформа за изразување солидарност. Неколкумина, меѓу кои Били Ајлиш, Џастин и Хејли Бибер, Bon Iver, Џони Мичел, Џек Антоноф, Kehlani и Бренди Карлајл, носеа беџови со натпис „ICE OUT“ како симбол на отпор.
Џез-пејачката Самара Џој, која исто така носеше беџ, изјави дека сака да заземе став.
„Не сакам постојано да привлекувам внимание на себе, а притоа да не ја препознавам човечноста што ме поврзува со луѓето ширум светот кои поминуваат низ вакви трагедии“, рече таа.
Џек Антоноф тешко наоѓаше зборови кога беше прашан зошто носи беџ.
„Ужасно е“, рече кратко.
Кога новинарот додаде дека „е тешко во овој момент да се зборува за било што друго“, Антоноф кимна:
„Можеме и двете. И да најдеме начин… не знам. Ова е навистина добро време луѓето да се соберат и да сфатат како да поминат низ сето ова, затоа што само малите заедници ќе можат да помогнат.“
Што рече Трамп за Греми 2026?
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го тужи водителот на доделувањето на Греми наградите, Тревор Ноа, за кого рече дека изнел невистина дека тој и поранешниот американски претседател Бил Клинтон „поминувале време“ на островот на покојниот осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
„Доделувањата на Греми наградите се најлоши, практично не се за гледање! Си-Би-Ес има среќа што ова ѓубре повеќе не им е во етерот. Водителот, Тревор Ноа, кој и да е, е речиси подеднакво лош како Џими Кимел на доделувањето на Оскарите за филмови со ниска гледаност. Подготви се Ноа, малку ќе се забавувам со тебе“, напиша Трамп.
Греми-наградите и политиката низ историјата
Моментите на протест и политичко преиспитување одамна се дел од историјата на Греми-наградите. Принс во 2015 година ја искористиговорницата при примањето на наградата за албум на годината за да се осврне на движењето Black Lives Matter, изјавувајќи: „Албумите, исто како книгите и црнечките животи, сè уште се важни.“
Две години подоцна, Busta Rhymes за време на настап со A Tribe Called Quest отворено го критикуваше претседателот Трамп, нарекувајќи го „претседателот Агент Оринџ“.
Имиграцијата и претходно беше важна тема. Камила Кабељо во 2018 година одржа емотивен говор посветен на „Сонувачите“, имигранти без документи кои како деца биле донесени во САД. Движењата #MeToo и #TimesUp исто така го обликуваа тонот на церемонијата, а Жанел Моне во 2018 година одржа силен говор за еднаквоста на работното место.
Други уметници, како Лејди Гага и Бијонсе, ги користеа своите победи за да ја истакнат важноста на менталното здравје и културната видливост. Уште во 2017 година, Џенифер Лопез ја цитираше Тони Морисон, потсетувајќи дека токму во моменти на политичка несигурност уметниците мора да проговорат: „Во овој посебен историски момент, нашите гласови се потребни повеќе од кога било.“







































































































