Речиси три години по последната поголема филмска улога, Џона Хил повторно се појави во јавноста – и тоа со изглед кој предизвика внимание. Актерот, кој во последните години ретко се појавува на црвените теписи, се појави на прес-настан на „Епл“ во Санта Моника, најавувајќи го своето враќање на филмското платно.
Поводот беше црната комедија Outcome, проект за Apple TV, во кој Хил не само што глуми, туку и режира. Во филмот настапуваат и Кијану Ривс, Камерон Дијаз и Мет Бомер, што веднаш го позиционира проектот како едно од поочекуваните остварувања на годината.
Нов филм со ѕвездена актерска екипа
На настанот, Хил се појави во лежерна комбинација од широки фармерки и темен џемпер. Иако облечен поопуштено од дел од колегите, неговиот изглед беше уреден и елегантен, а многумина забележаа дека актерот изгледа послаб од кога било.
Филмот Outcome, чија премиера е најавена за 10 април, ја следи приказната за холивудска ѕвезда по име Риф, лик кој го толкува Кијану Ривс, кој се обидува да ја спаси својата кариера откако се појавува мистериозно видео што му се заканува со целосно уништување. За Џона Хил, ова е повеќеслоен проект – покрај глумата и режијата, тој учествува и во пишувањето на сценариото и е еден од продуцентите.
Долгогодишна борба со телесната слика
Хил со години јавно зборува за сложениот однос со сопственото тело. Неговата телесна тежина често се менуваше низ кариерата, а посериозно слабеење започна уште околу 2011 година, кога во медиумите се појавија информации дека во еден период тежел околу 127 килограми.
Во бројни интервјуа тој отворено зборуваше за чувството на срам поврзано со изгледот, кое, како што вели, го следи уште од тинејџерските денови. Во својот магазин Inner Child во 2018 година напиша дека верува оти „секој човек во себе носи слика од помлада верзија од која се срами“, а кај него тоа бил „14-годишен, дебел клинец“ кој се чувствувал непривлечно и непосакувано.
Идентитет, зрелост и притисокот на јавноста
Хил често истакнувал дека неговата тежина станала дел од јавниот идентитет што публиката го врзувала со него како комичар. По губењето на околу 18 килограми, во интервју од 2011 година зборуваше дека одлуката за поздрав начин на живот дошла со зрелоста, но и дека процесот е тежок затоа што „луѓето често сакаат да останеш таков каков што си бил кога првпат те запознале“.
Тој нагласува дека сака да снима комедии, но и дека сака да созрее во односот кон себе, да биде добар човек, да го направи семејството гордо и – како што самиот рече – да живее долго.

Ментално здравје и повлекување од јавноста
Во документарецот Stutz од 2022 година, кој го сними заедно со својот терапевт Фил Стац, Хил уште подлабоко зборува за последиците од растењето со вишок килограми. Тој раскажа дека физичката активност и исхраната како дете му биле претставувани низ порака дека „нешто не е во ред со неговиот изглед“, наместо како дел од грижа за менталното здравје, пишува People.
Посебно истакна дека славата дополнително ја влошила состојбата. Медиумскиот однос кон неговата тежина, според него, бил брутален и директно удирал во најчувствителната точка, поради што со години живеел во одбранбена состојба и постојано очекувал негативни коментари.
По објавувањето на Stutz, Џона Хил соопшти дека нема да го промовира документарецот, ниту идни проекти, бидејќи јавните настапи му ја влошуваат анксиозноста. Тој откри дека речиси 20 години се соочува со анксиозни напади и дека медиумските појавувања се силен тригер.
Со враќањето на филмското платно, Хил повторно е во фокусот на јавноста, но овојпат не само како актер и режисер, туку и како глас што отворено зборува за притисоците на славата, телесната слика и менталното здравје.
Редакција Фронтлајн








