Претставници од Русија, Украина и САД денеска треба да се состанат во Абу Даби на втора рунда разговори со цел истражување на можности за ставање крај на војната во Украина, и покрај новиот бран руски воздушни напади врз нејзиниот сосед.
Виткоф и Кушнер ќе учествуваат на состанокот со Русија и Украина
Американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ќе учествуваат на трилатералните преговори со Русија и Украина во Абу Даби, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.
Според неа, делегациите на САД, Украина и Русија „досега не беа во можност да седнат на преговарачка маса и да тргнат кон мир“. Таа оцени дека пратеникот Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, „го направил невозможното возможно“ кога станува збор за постигнување мир на Блискиот Исток и дека затоа се очекува слично да биде направено и во случајот со војната во Украина, пренесува Фокс њуз. Таа трилатералните состаноци од јануари оваа година ги нарече „историски“.
Првата рунда трилатерални разговори се одржа во средината на јануари, додека последователниот состанок закажан за минатата недела беше одложен.
Се очекува украинската делегација во Обединетите Арапски Емирати повторно да биде предводена од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров.
Кремљ соопшти дека нема да има промени во руската делегација, во која се вклучени шефот на воената разузнавачка служба ГРУ, Игор Костјуков, и други високи офицери. Предвидено е разговорите да траат до утре.
Пред состанокот, Русија ги продолжи нападите врз енергетската инфраструктура на Украина, при што властите известија за ноќни напади во неколку региони. Бомбардирањето уште еднаш остави милиони луѓе без електрична енергија и греење во услови на екстремно ниски зимски температури и ги прекина тековните поправки на мрежата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Москва за кршење на ограниченото примирје постигнато со посредство на САД и побара одговор од Вашингтон, пренесе ДПА.
– Кијив е препуштен на добрата волја на американскиот претседател Доналд Трамп додека се надева дека ќе обезбеди американски безбедносни гаранции и не може да ги откаже преговорите, рече тој.







