Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави протест со блокада пред Собрание на Република Македонија на 10 февруари 2026 година (вторник), со почеток во 9 часот, поради, како што наведуваат, игнорирањето на барањата за зголемување на минималната и останатите плати.
Од ССМ информираат дека одлуката е донесена врз основа на заедничка одлука на Претседателството и Советот на ССМ, а протестот ќе се одржи согласно Законот за јавни собири. Блокадата ќе се реализира пред Собранието, односно на улиците „11-ти Октомври“ и „Даме Груев“.
Синдикатот наведува дека пратениците со месеци не се изјаснуваат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата, поради што работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата што ќе произлезе од зголемувањето на минималната плата.
Во соопштението, ССМ реагира дека пратениците, додека не одговараат на работничките барања, имаат обезбедени значителни зголемувања на сопствените плати и привилегии, додека правата на работниците за надомест за храна и превоз не се уредени. Според синдикатот, ваквиот однос е неправеден и неприфатлив.
ССМ најавува дека преку блокадата ќе се обиде да го оневозможи пристапот на пратениците до Собранието, со цел тие симболично да дојдат пеш или со јавен превоз, „како што секојдневно одат на работа работниците“. Воедно, се најавува дека ќе се спречи наплатата на патни трошоци за тој ден.
Синдикатот ги повикува пратениците итно да гласаат за зголемување на минималната и останатите плати, како и за намалување на функционерските плати, согласно иницијативата на ССМ. Доколку тоа не се случи, најавуваат почеток на постапка за собирање 10.000 потписи за законски измени со кои ќе се намалат платите на функционерите, а ќе се зголемат платите на работниците.
Од ССМ информираат дека за време на протестот ќе биде обезбедено непречено движење за Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата, а до граѓаните упатија извинување за евентуалните застои во сообраќајот на наведените улици, со напомена дека сите итни случаи ќе бидат пропуштени.
Ј. Ѓ.
Прочитајте и…











































































































