Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција изјави дека, како што рече, во тек е „координирана политичка операција“ чија цел е враќање на Никола Груевски и уривање на правниот систем во државата.
Одговарајќи на новинарско прашање, Кузеска оцени дека нападите врз предметите на Специјално јавно обвинителство (СЈО) се дел од пошироко сценарио за дискредитација на пресудите што произлегле од неговата работа.
Според неа, по најновите политички случувања во Унгарија, станува извесно дека премиерот Виктор Орбан може да се соочи со изборен пораз, што, како што рече, го увидел и Груевски.
„Наместо во Идризово, ВМРО му планира враќање во Белата палата. Така изгледаат ‘реформите’ во ВМРО – нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренција, се расчистува патот за единствениот претседател“, изјави Кузеска, додавајќи дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, според неа, е „само чувар на фотелјата“.
Клучниот чекор во ова сценарио, посочи таа, е нападот врз СЈО и пресудите поврзани со неговата работа. Кузеска тврди дека преку, како што ги нарече, „орбанови медиуми“ во Македонија, пред сè телевизија Алфа, се води кампања со наратив за „политички прогон“ и „монтирани случаи“.
„Целта е дискредитација на предметите, релативизирање на пресудите и подготовка на терен за нивно поништување. Ова не е случајна медиумска офанзива, туку организиран обид да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва“, рече Кузеска.
Таа додаде дека паралелно се носат решенија во правосудството што, според неа, се спротивни на европските препораки, се поставуваат партиски кадри на клучни позиции и се слабее институционалната независност.
„Ова не е внатрепартиска работа на ВМРО. Ова е директен напад врз владеењето на правото и европската перспектива на државата“, изјави портпаролката на СДСМ.











































































































