Владата со силна безбедносна симболика и медиумска режија во магацин на МВР, ја презентираше заплената на 40 тони марихуана, запленета од овластени производители на канабис наменет за медицински цели, затоа што дрогата била произведувана и складирана, како што напомнаа властите, надвор од законските протоколи. Од друга страна, опозициската СДСМ, отвори прашања зошто 11 дена се молчи за случај – 5 тони дрога вредни околу 40 милиони евра кои ја поминале македонската граница и завршиле во Србија. Наместо институционален извештај со јасни детали за одговорност и пропусти, јавноста во изминатите денови беше сведок на паралелни наративи – драматична демонстрација и сценографија од една страна и барања за отчет од друга.
Драматургија, сценографија со снајпери и камери – Мицкоски и Тошковски прикажаа дел од запленетите 40 тони марихуана
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во драматична сценографија – облечени во црно и со вооружени маскирани специјалци кои се движат низ магацинот на МВР со вперени снајпери, ја презентираа запленетата марихуана.
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера ја посетија просторијата во МВР каде што се складирани 40 тони марихуана, запленети во неодамнешната полициска акција. Според надлежните институции, дрогата била произведувана и складирана надвор од законските протоколи, а целта ѝ била да заврши на улиците во Македонија и Европа.
Министерот Тошковски во изјава објавена на Фејсбук профилот на МВР истакнува дека случајот е резултат на негрижа и погрешни политики од минатото, но дека институциите ќе делуваат решително.
Премиерот Мицкоски порача дека Владата ќе формира комисија која ќе испита кои правни субјекти работеле согласно законот, а кои го злоупотребиле.
– Она што зад мене можете да го видите е дел од тие 40 тони цвет од канабис, што претставува резултат на погрешни политики од едно време, кои не би сакале никогаш да се повторат. Очекувам денес на седницата на Владата да се донесе одлука со која ќе се формира комисија и тим, кои ќе го испитаат работењето и ќе констатираат фактичка состојба – рече премиерот.
Тој во изјави за медиумите истакна дека очекува таа бројка да достигне и до 100 тони запленета марихуана.
СДСМ: 11 дена нема одговор како 5 тони дрога вредни 40 милиони евра ја поминале границата
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција побара одговори од надлежните институции за, како што рече, случајот со 5 тони дрога, проценети на околу 40 милиони евра, кои ја поминале македонската граница и завршиле во Србија.
„Единаесет дена јавноста чека одговор. Единаесет дена власта молчи. Како 5 тони дрога ја поминале границата и кој ќе одговара?“, праша Кузеска.
Таа оцени дека молкот на власта, според неа, е индикатор дека станува збор за скандал што води кон врвот на власта и дека постои обид за негово заташкување. Наместо одговори, како што наведе, јавноста гледа дефокус и „медиумска магла“.
Кузеска го прозва премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека во јавноста лицитира со количини од 25, 40, па дури и 100 тони.
„Дали сите фирми се нелегални? Ако е така, зошто не била направена навремена контрола и зошто власта дозволила нелегално производство и складирање? Дали државата ги субвенционирала тие компании и што ќе се случи ако побараат отштета?“, праша таа.
Во изјавата беше посочено и дека српски медиуми објавиле информации според кои уапсен функционер на СНС, поврзан со заплената во Крушевац, бил близок со српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ.
„Доколку ова се потврди, се отвораат нови сомнежи за можна поврзаност и на други функционери“, рече Кузеска, поставувајќи прашање и за, како што наведе, улогата на директорот на СОЗР и новоименуван организациски секретар на ВМРО.
Од СДСМ нагласуваат дека, според нив, ова не е прашање на политика, туку на владеење на правото, и најавија дека ќе продолжат да бараат целосна истрага и одговорност.
ОЈО презема дејствија
Додека Тошковски и Мицкоски молчат за 5. тони марихуана, од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, истакнуваат дека се во постојана комуникација со српските колеги, со цел размена на информации и утврдување евентуална поврзаност меѓу случаите на запленета марихуана во Македонија и Србија. Од таму велат, во рамките на опсежната акција во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица, континуирано преземаме активности, во соработка со Министерството за внатрешни работи и комисијата при Министерството за здравство.
Ј. Ѓорѓиоски








