Коалицијата ВЛЕН во денешно соопштение поставува прашање дали поранешниот функционер на ДУИ, Артан Груби, кој денеска е уапсен на граничниот премин Блаце и е во притворското одделение во Шутка, ќе му го „зададе фаталниот удар“ на лидерот на партијата Али Ахмети и на самата ДУИ.
Во соопштението, ВЛЕН наведува дека, како што велат, „црната кутија за владеењето на ДУИ конечно се предаде“, оценувајќи дека Груби бил „учесник и извршител на сите матни зделки на ДУИ“.
„Затоа, Мала Речица се тресе од страв за тоа што не знаат за што сè е подготвен да прозбори Артан“, стои во реакцијата на ВЛЕН.
Од коалицијата понатаму тврдат дека по, како што велат, „катастрофалниот пораз на ДУИ на локалните избори“ и по, според нив, неисполнетите ветувања на Ахмети за предвремени избори и влез во Владата, Груби „нема ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови“.
„Но кој сè ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“, се наведува во соопштението.
Од ДУИ засега нема реакција на овие наводи.
Артан Груби кој утрово беше уапсен на преминот Блаце откако решил да се врати во земјава, е пренесен во Шутка.
Груби е пренесен во притворското одделение во Шутка бидејќи за него беше определен 30 дневен притвор во отсуство, додека беше во бегство. Од ОЈО Скопје велат дека дополнително ќе известат кога ќе се појави пред јавен обвинител.
„На Граничниот премин Блаце лишен од слобода Артан Груби. Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, соопштија утрово од Министерството за внатрешни работи.







