Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска на прес-конференција ја презентираше новата, модернизирана листа на есенцијални лекови, по повеќе од десет години без нејзино ажурирање.
Како што информираше, оваа активност е дел од заложбите за унапредување на здравствениот систем, преку поголема транспарентност, достапност и усогласеност со современите медицински стандарди.
„Листата на есенцијални лекови е изработена врз основа на најновите научни докази и меѓународни практики, со цел обезбедување квалитетна и навремена терапија за пациентите. Листата е клучен инструмент за обезбедување основни терапии од значење за јавното здравје, како и за нивно вклучување во системот на здравствено осигурување“, изјави министерот Алиу.
Тој посочи дека за првпат во листата се вклучени лекови за контрацепција и никотин-заменска терапија, со што, како што рече, се проширува опфатот на здравствени услуги и се одговара на современите здравствени потреби на населението.
Министерот појасни дека процесот на ажурирање започнал на крајот на 2025 година, во рамки на националната платформа за лекови, во координација на Министерството за здравство и со поддршка од Светската здравствена организација.
Во процесот учествувале претставници од релевантни институции, академската заедница, пациентски организации и фармацевтската индустрија.
„Како референтна основа беше користена листата на есенцијални лекови на Светската здравствена организација, која се ажурира на секои две години. Со новиот закон за лекови се предвидува редовно ажурирање на националната листа на секои две години, со што се обезбедува континуирана усогласеност со современите терапевтски стандарди и подобрување на пристапот до ефикасни терапии“, истакна Алиу.







































































































