Американскиот претседател Доналд Трамп упати остра закана до Иран, порачувајќи дека земјата ќе „живее во пекол“ доколку до вторник не се постигне договор за повторно отворање на Ормускиот Теснец, една од најкритичните поморски рути низ која поминува околу една петтина од светската нафта. Преку објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп истакна дека времето истекува, што претставува последна во низата закани по почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран кон крајот на февруари. Иран практично го затвори Теснецот како одговор на овие напади, со што предизвика сериозни нарушувања во глобалното снабдување со енергија.
Од почетокот на овој конфликт, претседателот Трамп постојано ги менува и ги одложува роковите за постигнување договор со Техеран. Првата закана беше упатена на 21 март, кога американскиот претседател најави дека САД ќе ги нападнат и уништат иранските енергетски објекти доколку Иран не го отвори Теснецот во рок од 48 часа. На ова, иранскиот претставник при меѓународната поморска организација одговори дека преминот е отворен за сите, освен за „непријателите“ на Иран.
Непосредно пред истекот на тој прв рок, Трамп објави дека се водат продуктивни разговори и ги одложи можните напади за пет дена, за потоа на 26 март дополнително да го продолжи рокот за уште десет дена, наведувајќи го барањето на Иран за повеќе време како причина за новиот краен датум, 6 април. На почетокот на април се појавија тврдења од страна на Трамп дека Техеран побарал прекин на огнот, што веднаш беше демантирано од иранското министерство за надворешни работи. Само два дена подоцна, американскиот претседател изјави дека САД би можеле лесно да го отворат Теснецот доколку добијат уште малку време.
Реториката повторно се заостри пред 48 часа, кога Трамп ги потсети иранските власти на претходно дадениот рок и најави дека „пеколот ќе се сруши врз нив“ доколку не се деблокира пловниот пат. Истовремено, тој врши притисок и врз европските сојузници да се вклучат во напорите за решавање на кризата. Новинарот на Fox News, Треј Јингст, пренесе изјава на Трамп во која тој вели дека постојат добри шанси за договор до крајниот рок во понеделник, иако го обвини Техеран за обид за одолговлекување на преговорите. Ормускиот Теснец останува една од најважните енергетски артерии во светот, а неговата блокада веќе има значително влијание врз глобалните пазари на нафта и гас.
Иран со контра-ултиматум до Трамп: Ормуз останува затворен додека не се надомести воената штета
Ормускиот Теснец ќе биде повторно отворен за транзит дури откако дел од приходите од поморскиот сообраќај ќе се искористат за компензација на воената штета предизвикана од нападите, соопштија во неделата од кабинетот на иранскиот претседател. Оваа официјална реакција на Техеран доаѓа како директен одговор на последните закани од Белата куќа.
Мехди Табатабаи, заменик-претседател за комуникации и информации во иранскиот претседателски кабинет, преку социјалната мрежа Икс порача дека стратешкиот премин ќе биде деблокиран само под услов средствата од транзитот да ја покријат целата штета предизвикана од она што тој го нарече „наметната војна“. Табатабаи упати и остри лични критики до американскиот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека неговата реторика е плод на очај и гнев. Тој го обвини Трамп за започнување војна од големи размери во регионот, додека истовремено продолжува јавно да се фали со воените успеси.
Целиот регион се наоѓа во состојба на највисока воена приправност од 28 февруари, кога САД и Израел ја започнаа заедничката офанзива врз Иран. Според достапните податоци, во досегашните воени дејствија загинале повеќе од 1.400 луѓе, а меѓу жртвите беше и тогашниот врховниот водач Али Хамнеи. Како одговор на овие удари, Техеран започна серија напади со дронови и ракети кои беа насочени не само кон Израел, туку и кон Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се стационирани американски воени единици. Истовремено со воената одмазда, Иран воведе и строги ограничувања за движењето на трговските бродови низ Ормускиот Теснец, што предизвика глобална паника на енергетските пазари.
Редакција Фронтлајн







