Легендарниот српски кошаркар и поранешен генерален менаџер на Сакраменто Кингс, Владе Дивац, повторно се најде во центарот на спортската јавност откако отворено говореше за одлуката која ја одбележа неговата менаџерска кариера. Иако имаше шанса да го донесе Лука Дончиќ во главниот град на Калифорнија, Дивац во 2018 година се одлучи за Марвин Бегли, потег кој и денес предизвикува бројни дебати меѓу навивачите на „Кралевите“.
Гостувајќи во поткастот на Дон Лемон, Дивац откри дека всушност бил во Мадрид да разговара со Дончиќ една година пред драфтот и дека Словенецот бил на самиот врв на неговата листа. Сепак, неговата финална одлука била водена од вербата во постоечкиот лидер на тимот, Диарон Фокс.
Vlade Divac explains why he didn’t draft Luka Dončić in 2018 when Kings had 2nd pick and drafted Marvin Bagley instead pic.twitter.com/OP5C549u2j
— Luka Updates (@LukaUpdates) April 27, 2026
Дивац појасни дека неговите помошни тренери го убедувале дека Дончиќ може да игра како ниско крило, но неговата проценка била поинаква. Владе го гледал Лука како роден плејмејкер и „тренер на паркетот“, улога која во тој момент веќе му припаѓаше на Фокс, кој беше петти пик на Сакраменто само една година претходно.
„Имав чувство дека ако го доведам Лука, ќе морам да го трејдувам Диарон Фокс. Веќе изградив однос со Фокс и верував дека тој е совршен за мал пазар како Сакраменто. Од друга страна, знаев дека Лука е играч за големите пазари и стравував дека дури и да го донесеме, подоцна би го изгубиле. Беше тоа многу тешка одлука“, изјави Дивац.
Иако во тоа време верувал дека прави правилен избор за иднината на франшизата, Дивац денес со доза на каење гледа на ситуацијата. Тој призна дека Дончиќ, заедно со Никола Јокиќ, е меѓу најдобрите играчи во светот и дека неговиот талент е неспорен.
„Денес изгледа како да направив грешка. Кога би можел да се вратам наназад, веројатно би го драфтувал Лука, но тој и вака има неверојатна кариера“, заклучи Дивац, со што стави точка на долгогодишните шпекулации за неговиот однос со семејството Дончиќ како причина за заобиколувањето на словенечкиот ас.







