Уметничкиот тим што ќе ја претставува Македонија на 61. Биенале за уметност веќе пристигна во Венеција, каде за в петок, 8 мај, со почеток во 18:30 часот, е закажано свеченото отворање на Македонскиот национален павилјон. Годинава, државата ќе биде претставена со проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски.
Националното претставување е во организација на Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ-Скопје), а павилјонот е сместен на атрактивната локација Спацио Кастело 77, на самиот влез во престижното Арсенале. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, додека комесар на изложбата е Авни Ќаили.
Најстарата ликовна манифестација во светот ќе се одржува од 9 мај до 22 ноември, но годинашното издание го одбележа неочекуван скандал. Планираното доделување на главните награди „Златен лав“ на 9 мај е одложено за последниот ден од биеналето, откако Меѓународното жири кон крајот на минатата недела поднесе колективна оставка.
„Поради оставките на Меѓународното жири на 61. Интернационална уметничка изложба и поради моменталната меѓународна геополитичка ситуација, Биеналето реши церемонијата на доделување награди да се одржи на 22 ноември, последниот ден отворен за јавноста“, се вели во официјалното соопштение на манифестацијата.
Во однос на македонското претставување, кураторите објаснуваат дека инсталацијата на Жерновски ги преиспитува границите на човечкото и создава нови етички сензибилитети. Во своето монументално дело, авторот ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки изработени од метализиран пластичен филм – материјал примарно произведен за вселенски мисии кој ја задржува телесната топлина. Според нив, златото ја обвиткува фигурацијата во афективна сфера на емоции, страсти и страдање.
Темата на годинашната голема изложба, на која ќе се претстават дела од 110 уметници, е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), курирана од Којо Куох (Koyo Kouoh) која почина пред една година.
Велимир Жерновски (роден 1981 г. во Скопје) е истакнат уметник кој преку цртеж, видео, инсталации и сценски дизајн ги истражува поимите на идентитет, урбаност и популарна култура. Зад себе има бројни самостојни и групни изложби во Њујорк, Париз, Виена, Белград и други светски центри.








