Долгогодишниот претседател на Реал Мадрид, Флорентино Перез, доби сериозен предизвикувач за претседателската функција во клубот, а изборната кампања веднаш започна со големи и амбициозни ветувања. Енрике Рикелме, 37-годишен претприемач и милијардер од Аликанте, официјално ја потврди својата кандидатура и тврди дека веќе има обезбедено договори со две фудбалски суперѕвезди.
„Можам да потврдам дека, доколку станам претседател на Реал Мадрид, имам договор со две големи суперѕвезди кои ќе дојдат во клубот. Тоа се двајца играчи кои на Реал навистина му се потребни“, порача Рикелме за шпанските медиуми.
Иако имињата официјално не се соопштуваат, шпанските медиуми шпекулираат дека еден од тие играчи би можел да биде напаѓачот Ерлинг Халанд, додека идентитетот на втората ѕвезда засега останува енигма.
Мурињо не е опција за тренер
Покрај играчкиот кадар, Рикелме јасно го дефинираше и својот став околу тренерската позиција, нагласувајќи дека Жозе Мурињо нема да биде неговиот избор за предводник на тимот.
„Жозе Мурињо е голем тренер, но во нашиот случај на клубот му е потребен долгорочен проект за иднината, а не прва помош. Мораме целосно да го промениме правецот. Не сум ‘мурињист’, ниту сум против него. Јас сум само ‘мадридист’“, објасни кандидатот за претседател.
Кој е Енрике Рикелме?
Рикелме е основач и извршен директор на „Cox Group“, голем деловен конгломерат фокусиран на менаџирање со води и обновливи извори на енергија, чија пазарна вредност се проценува на повеќе од една милијарда евра.
Тој има силни врски во светот на спортот, вклучувајќи го и блискиот однос со тениската легенда Рафаел Надал, за кого веќе се споменува дека би можел да добие одредена функција во клубот доколку Рикелме победи на изборите.
Претседателските избори во Кралскиот клуб се очекуваат на почетокот на јуни, кога Рикелме ќе се обиде да го направи она што со години наназад никој не успеал – да го собори од тронот Флорентино Перез.











































































































