Пишува: Амб. Лариса Дир
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
Ноќеска, на 20 август 2026 година, РФ девет часа по ред изведуваше ракетни напади врз Украина. Има загинати и повредени. Во Кијив се уништени станбени згради, училишта и болници. Бројот на ракетни напади и напади со дронови се зголемува, тревогите се огласуваат и дење и ноќе – рускиот терор против цивилното население на Украина е систематски, секојдневен и неселективен.
Според податоците на Мониторинг-мисијата на ОН за човекови права, јули 2026 година стана еден од најкрвавите месеци за цивилното население на Украина од почетокот на целосната инвазија на РФ. Во текот на само еден месец, во Украина, од руските напади загинаа најмалку 437 цивили, а уште 2.610 лица беа повредени. Бројот на загинати беше највисок од мај 2022 година, а вкупниот број цивилни жртви – загинати и повредени – беше највисок од март 2022 година. Сувиот нумерички показател – бројот на жртвите се зголеми за 70% – претставува морничава болка.
Особено загрижувачки се податоците за децата: во јули загинаа најмалку 17 деца, а уште 166 беа повредени. Станува збор само за смртни случаи што меѓународните набљудувачи успеале да ги потврдат, па затоа фактичкиот број на настрадани, според проценката на ОН, може да биде поголем.
Овие бројки ја покажуваат промената на карактерот на руската воздушна кампања на терор. Ракетите со долг дострел и беспилотните летала станаа главна причина за цивилните жртви во јули – на нив отпаѓаат 38% од сите загинати и повредени, односно 183 загинати и 967 повредени. Притоа, најголемиот дел од овие жртви беа регистрирани далеку од линијата на фронтот, во големите украински градови.
Тоа значи дека за милиони Украинци војната не завршува на стотици километри од фронтот. Кијив, Харкив, Одеса, Днипро и други градови остануваат под закана од балистички и крстосувачки ракети и ударни дронови. Во јули, последиците од руските напади беа регистрирани во 14 области на Украина. Најмногу цивили настрадаа во главниот град – 54 лица загинаа, а 202 беа повредени. Во Херсон загинаа 34 цивили, а 424 беа повредени, во Запорижја – 27 загинати и 280 повредени, а во Суми – 20 загинати и 152 повредени.
Притоа, руската тактика сè повеќе опфаќа различни видови вооружување. Бројот на цивилни жртви од воздушни бомбардирања во јули се зголеми за 143% во споредба со претходниот месец. Наведуваните авионски бомби станаа втората најголема причина за цивилни жртви по ракетите со долг дострел и дроновите. Во близина на фронтот ситуацијата не е помалку опасна: дроновите со краток дострел во јули 2026 година убија 111 цивили и повредија 710 – тоа е највисокиот месечен показател на такви жртви од почетокот на целосната инвазија.
Украинските градови и села се под постојана смртоносна закана деноноќно. Населените места во близина на фронтот во Донецката, Херсонската, Запоришката и Сумската област страдаат од артилериски гранатирања, напади со наведувани авионски бомби и FPV-дронови. Големите градови, далеку од фронтот, се под руски напади со балистички и крстосувачки ракети и реактивни дронови.
Руската кампања не е ограничена на напади врз непосредни воени цели. Систематските напади врз енергетскиот сектор, инфраструктурата за греење и водоснабдување имаат за последица влошување на условите за живот на милиони цивили. Нападите врз критичната инфраструктура создаваат дополнителен хуманитарен притисок и го прават секојдневниот живот во украинските градови сè потежок. Посебна насока на руските напади во јули оваа година беа Одеската и Миколаивската област: ОН регистрираа најмалку 39 напади врз морски пловила и пристанишна инфраструктура, вклучително и најмалку 20 напади врз пловила. Како последица на овие напади загинаа 19 лица, а 25 беа повредени.
На 13 август оваа година, руските дронови намерно нападнаа патнички воз во Одеската област, во кој се наоѓаа повеќе од 300 лица, меѓу кои повеќе од сто деца; двајца машиновозачи загинаа. Тоа беше цивилен транспорт, полн со цивили – и рускиот оператор на дронови не можеше да не го види тоа – ова е свесно злосторство против животот.
Во вакви околности, прашањето за украинската противвоздушна и противракетна одбрана станува прашање на непосредно спасување човечки животи. Балистичките и хиперсоничните ракети остануваат една од најголемите закани за украинските градови, а можноста населението да се заштити од нив директно зависи од располагањето со современи системи за ПВО и доволен број ракети-пресретнувачи. Испораката на дополнителни ракети-пресретнувачи за системите Patriot на Украина спречува нови жртви и може да ги запре руските злосторства.
Зајакнувањето на украинската ПВО е значајно не само за Украина. Заштитата на украинските градови од балистички напади е стратешка инвестиција во европската безбедност: таа овозможува стекнување практично искуство во спротивставувањето на современата ракетна закана и истовремено спречување на натамошното зголемување на бројот на жртвите.
Рекордното зголемување на бројот на загинати и повредени не може да заврши со уште едно изразување загриженост – потребни се средства за противракетна одбрана и зајакнување на санкциите, кои, зголемувајќи ја цената на војната за РФ, ќе ја принудат да ја прекине вооружената агресија. Забрзувањето на испораката на системи за ПВО и ракети за нив, зголемувањето на политичкиот притисок врз Москва и обезбедувањето неизбежна одговорност за нападите врз цивилното население на Украина се основните приоритетни дејствија во овој момент.
Преземањето е слободно | CC BY 4.0










