Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Кога министерката за образование Весна Јаневска им порача на првачињата во ООУ „Ацо Шопов“ во Бутел на 1 септември да си побараат братче или сестриче од родителите, серијалот „Секс и политика“ изгуби дел од својата смисла.
„Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче, за да можеме повторно овие привремено затворени училишта, во иднина да ги отвораме“, рече Јаневска при посетата на училиштето.
Толку експлицитно обраќање на македонски политичар пред деца не се сеќавам дека имало досега. Всушност, ваков невкусен и несоодветен говор пред првачиња е толку редок што и во светски рамки тешко му се наоѓа пандан. Слободно проверете, лесно е. Кога ја прочитав изјавата, си реков: дај само да почнам да цитирам политичари, да ставам наднаслов СЕКС И ПОЛИТИКА, да го сместам текстот во категоријата САТИРА и тука да ја завршам работата.
Македонската политичка каша, апсурдите и непромисленоста ја претворија самата реалност во сатира.
Политиката – во рацете на министерката за образование – се претвори во план за секс директно организиран и поттикнат од државата. Без кондом. Според идејата на Министерството на Јаневска, наместо белешка од наставничката, отсега првачето ќе има нова улога – дома ќе носи насоки за демографска сексплозија: Мамо, тато, министерката рече дека ми треба братче.
Значи, Министерството ќе се грижи за образование и демографија, а родителите за производството на деца. По можност, побрзо отколку што децата ќе успеат да ја напуштат државата.
Но државата мисли и на логистиката.
Додека човештвото се подготвува да има секс и на Марс, нашата влада свечено пушти воз.
Мицкоски, Николоски и Орце Ѓорѓиевски се качија во него за свечено да ни покажат дека иднината конечно пристигна. Со железница од минатиот век. Но кому му е важно кон кој век се возиме… важно е дека конечно, сексот и политиката добија и јавен превоз.
Возот тргна од Зелениково кон Скопје, а тројцата високи функционери свечено се повозија по првата од трите планирани градско-приградски линии.
Не знам зошто, ама по сите овие братчиња, сестричиња и милијарди, кога ќе видите тројца политичари од власта во ист вагон, човек веќе не може сосема невино да ја слушне фразата „првата од трите линии“.
Голем успех. Голем секс.
И таман државата се загреа за жежок, државно организиран секс без заштита и обезбеди превоз од минатиот век – од Будимпешта стигна абер дека унгарските власти отвориле кривична истрага за сомнителни злоупотреби во државната Ексимбанка. Значи, уште еден сомнителен секс. А под лупа се најде и милијардата евра за Северна Македонија. Скап свингерај, нема што.
Ете ти нов секс во тројка: Мицкоски, Орбан и Ексимбанка.
Ако се сеќавате, од првата половина од милијардата, 250 милиони евра беа наменети за општините, а уште 250 милиони за компаниите. Навистина, 2025 беше жешка година со многу секс и пари. Истата година се одржаа локални оргии, пардон, избори. Власта им се качи на 55 општини плус Скопје.
Кој вели дека сексот не се исплати? Напротив. Сексот и политиката и тука покажаа дека се толку блиску што понекогаш речиси можат да се употребат како синоними.
Само што има една мала незгодна работа во целиот овој секс. Парите не се подарок. Тоа е долг. А долговите не исчезнуваат по сексот.
Во сексот и политиката, тие што уживаат и тие што ја плаќаат сметката обично не се исти луѓе.
Мицкоски, Орбан, банката, компаниите, општините – секој си има своја улога во овој куплерај. Само граѓаните ја имаат истата улога како и секогаш. Да платат. Или, кажано со речникот на оваа рубрика – да бидат е**ната странка.
А потоа можат слободно да се сексаат. Без пари и на гладно срце.
Текстот е сатира што преку хипербола, иронија и метафора ја прикажува гротескната страна на политичката реалност. Фактографските наводи се засноваат на јавно достапни информации, а ставовите и сатиричните интерпретации се исклучиво на авторот.







