Долговите на англискиот гигант Манчестер Јунајтед се зголемија поради пандемијата од коронавирус. Финансиските податоци на клубот за првиот квартал на 2020 година веќе ги покажуваат сериозните последици од кризата. Пред почетокот на пандемијата, долговите на „црвените ѓаволи“ изнесуваа 141 милиони евра, а сега тие пораснаа на сума од 477 милиони евра.
Годишните приходи опаднаа за 19 отсто на 137 милиони евра, иако нивното присуство во Лигата на Европа наместо во Лигата на шампионите придонесува за овој пад.
Од 31 март, буџетот на Јунајтед беше нешто над 100 милиони евра, со тоа што клубот има пристап до дополнителни 166 милиони евра, што е во форма на кредит што ќе обезбеди „финансиска флексибилност за поддршка на клубот за прекинот, предизвикан од КОВИД-19“.
Приходите од емитување на натпреварите за првата четвртина се само 28 милиони евра, што е за повеќе од 50 отсто помалку од минатогодишните 53 милиони евра.
Фактот дека преостанатите натпревари на „црвените ѓаволи“ ќе се играат без публика ќе има дополнително влијание врз приходите од натпревари и продажба на билети.
– Нашиот фокус останува на здравјето и благосостојбата на нашите колеги, навивачи и партнери ширум светот. Ние сме крајно горди на тоа како реагираше клубот за време на оваа криза. Со нетрпение очекуваме да го обезбедиме нашето безбедно враќање на теренот и возбудливиот моментум на играта. Нашата работа за време на кризата ги рефлектира нашите основни вредности како клуб и еластичноста што многупати ја демонстриравме во текот на нашата долга историја, рече потпретседателот на клубот – Ед Вудворд.