Обвинителката Вилма Рускоска за порталот „Скопје1“ потврдила дека отворена е предистражна постапка по допрен глас за Александар Николоски кој е актуелен втор човек на ВМРО ДПМНЕ.
Се врши предистражна постапка по допрен глас по што ќе се знае дали ќе има отворање на истрага. Сега имаме само предистражна постапка по допрен глас, изјави обвинителката Вилма Рускоска за „Скопје 1“, без да прецизира на што се однесува предистражната постапка и дали во постапката е опфатен само Николоски или и други лица.
Според информациите до кои дојде „Скопје1“, покрај Николоски, дел од истрагата која ја отпочнало Јавното обвинителство во Скопје, а на која ѝ е дадено работно име „Пајажина“ се и: еден од главните разузнавачи во кабинетот на Георге Иванов, поранешен директор на ФЗО кој подоцна станал директор на фарма за канабис, еден бизнисмен од градежништвото, угостителството и обложувањето, поранешен кошаркар и еден директор на приватна фирма со руски капитал (познат на јавноста по закани со убиство и подметнати бомби) .
Предистражната постапка се однесува на субверзивни активности за уривање на Преспанскиот договор и за перење пари кои доаѓале од една источна држава со светско влијание, а износите се во милиони евра.
Александар Николоски деновиве кажа дека раководството на ВМРО ДПМНЕ подолго време било следено и прислушкувано од службите. Оваа изјава беше демантирана од Наќе Чулев, а дополнителната министерка Славјанка Петровска кажа дека против Николоски е отворена истрага за „перење пари“.