Утринава на платформата Јутуб, на профилот „Обнова на режимот“ се појави уште еден разговор насловен како „Николовски градежна мафија со Нефи во Охрид“, меѓу Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Овој пат, тема на разговорот се четири згради во Охрид, кои се „дел од договор за избори на бизнисменот Нефи“, за кого Николоски во снимката вели дека е „бандит“.
Јанакиески, веројатно надоврзувајќи се на претходен разговор, му вели на Николоски „Шефе, има некој план за Охрид, зградите што се во продолжение на Гранит“, на што Николоски одговара „никако, тоа е на Нефи, овој бандитов, Албанецов“, по што додава „тие му се дел од договорот за ова, за избориве, по 8-9 спрата се…никако, молим те“.
Споменатиот Нефи Усеини е инаку бизнисмен од Охрид кој стана актуелен со прашањето за дивоградбите на Охридското крајбрежје, инаку советник во општината од редовите на ДУИ.