Денеска завршува предизборната кампања, а од утре, во следните три дена македонските граѓани ќе гласаат за опцијата за која сметаат дека е најдобра. Во текот на кампањата очигледна беше разликата во организирањето на трибините и митинзите, посебно меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Кај првата политичка партија беше забележано строго почитување на мерките и протоколите за заштита од вирусот ковид-19, додека пак кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ е нотирано спротивното, групирање, неносење на заштитни маски, неодржување потребна дистанца. И на последниот ден од изборната кампања на ВМРО ДПМНЕ, претседателот на партијата Христијан Мицкоски се шеташе меѓу штипјани, граѓаните се групираа, што е потенцијална опасност по здравјето.
На социјалните мрежи веќе со месеци се објавуваат фотографии од непочитување на мерки за заштита од Ковид-19, но откако почна предизборната кампања, постојано циркулираат објави на кои може да се забележи дека на собирите на ВМРО-ДПМНЕ или повеќето симпатизери не носат заштитни маски или не се на пропишиното растојание.
На социјалните мрежи беа објавени фотографии од мини- митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во Неготино и Битола. Како што може да се забележи, собирите иако се на отворено, не се почитува задолжителното растојание од два метри, а и ретко кој носи заштитна маска, која најчесто на насобраните граѓани им е ставена под брадата.
Непочитување на мерките за заштита од коронавирусот беа забележани и на митинзи на ДУИ и Алијанса за Албанците.
Д.Е.