пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Честито Влада! Мицкоски го прифатил и признал името Северна Македонија, Договорот со Бугарија, Договорот со Грција, Законот за јазици, па згора и ги убедил сите свои 44 пратеници, па дури и двајцана од Левица да гласаат за премиерот на Ахмети!
Наводно, старите пајташи повторно ќе јаваат заедно – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договориле да формираат влада, објавија куририте на албански, а потоа ги пренесоа куририте на македонски јазик.
Пред некој ден, пробниот балон на кујната на ДУИ, дека со СДСМ е договорено да има двајца премиери, Македонец и Албанец, пукна за само неколку часа. Но, сега имаме нова ситуација, влада формираат Христијан и Али.
ОК, сериозно… За најновиот балон, дури и од едно вемеро одговориле дека не коментираат вести од непроверени извори. Очигледно и самиот Мицкоски бил изненаден од веста дека успеал да направи договор за Влада со помалку од 61 пратеник.
Навистина, дури и да паднал ваков договор, единствениот резултат ќе биде старите другарчиња да јаваат заедно само во опозиција.
Мицкоски и онака е на тешки маки да ги задржи сите 44 пратеници. Не сакаат сите да бидат во губитничкиот тим. Особено ако за тоа мораат да проголтаат толкава кнедла и да гласаат за премиер наметнат од ДУИ. Исто толку неверојатно е и за Ахмети да ги задржи своите 15 пратеници за коалицирање со вемерето.
Оваа „вест“ навистина ги засени сите други. Но, нема да ги оставиме без коментар веќе со следното еспресо!