Се влошува епидемиолошката состојба во општините Дебар и Центар Жупа а сето тоа поради масовното непочитување на препораките за заштита, изјави за МИА епидемилогот Ментор Меља.
Коментирајќи ги денешните податоци за девет новозаразени и две починати лица во ова подрачје, Меља додава дека бројка е навистина голема.
-Во последното деноноќие имаше девет новозаразени и две починати лица, на возраст од 43 и 86-годишна возраст, што за нашето подрачје е навистина висока бројка. Починатите се од општина Центар Жупа. Вкупната бројка на починати се зголеми на 10, од нив четири лица во првата и шест во втората фаза, вели Меља,кој е раководител на работната единица на Центарот за јавноздравје, која со својата активност ги покрива двете општини.
Додава дека деветте нови случаи се од 20 направени тестови, додека кај 11 резултат е негативен.
И понатаму заразените се од помладата популација, односно на возраст од 20 до 50 години, но најмногу од 20-35 години.