Министерот за здравство Доц. д-р Венко Филипче заедно со Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, утрово ја посетија градинката „Буба Мара“ во населбата Аеродром. Тие остварија средба со директорката на установата и вработените, на која разговараа како се одвива воспитно згружувачки процес со спроведување на протоколите.
Според податоците на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во Република Северна Македонија згрижувачко воспитната дејност се реализира во вкупно 70 јавни установи за деца со 311 објекти. Според епидемиолошките податоци и евиденцијата на МТСП, од отворањето на градинките во 311-те објекти регистрирани се само 13 вработени позитивни на вирусот на целата територија на државата.
Согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца кој што е усвоен од страна на Владата во рамки на детските градинки можат да се згрижат околу 20.000 деца, а од отворањето на градинките од 9 септември до 1 октомври, од во просек 8500 деца дневно кои активно посетувале градинка, регистрирани се само 9 деца од различни градинки позитивни на вирусот со лесна симптоматологија. Од нив, во моментов 5 се активни случаи, а 4 се водат како оздравени.
„Епидемиолошките анкети на случаите во градинките укажуваат дека главно станува збор за пренос на инфекција надвор од установите што значи дека доследното почитување на протоколите во рамките на установата значи безбеден воспитно-згрижувачки процес за сите деца кои посетуваат градинка и за персоналот. Апелирам до сите, освен протоколите, задолжително да се почитуваат и мерките за заштита надвор од работното место.“ – истакнува Филипче по посетата на градинката.
Министерот Филипче ги поздрави децата во градинката „Буба Мара“ и ги потсети дека треба редовно да ги мијат рацете и да ги слушаат советите на своите воспитувачи за заштита на нивното здравје и безбедно дружење.