Генералниот секретаријат на Владата соопшти дека согласно податоците за загаденоста на воздухот кои биле доставени пред вчерашната седница на Владата, за Тетово, Куманово и Кавадарци стапуваат во сила препораки и мерки.
„Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, информираме дека прагот на алармирање за PM10 (надминување на вредноста од 175 g/m3 во текот на два последователни денови) дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на Република Македонија бр. 183 од 14.12.2017 година), е надминат на мерните места во Тетово, Куманово и Кавадарци”, гласи информацијата што ја доставило Министерството за животна средина и просторно планирање..
Информацијата е доставена и до Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина, Управа за животна средина, Сектор за комуникација со јавноста во МЖСПП, Институт за јавно здравје и Единиците за локална самоуправа каде има епизода на алармантно загадување на воздухот, соопшти Министерството за животна средина.
На локалните власти и работодавачите им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.
Понатаму се препорачува на сите правни субјекти (работодавачи да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот.
Се пропрачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.
Владата ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила и да обезбедат ограничување на работите на градежните објекти.
Исто така Министерството за труд и социјална политика во соработка со Црвенот крст, здравствените домови и општините да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да пружат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.