Во Северна Македонија злосторствата од омраза се реалност за којашто зборуваат само невладините организации. Де јуре, злосторствата од омраза во нашата земја се казниви по закон. Кривичниот закон на Северна Македонија е исполнет два пати во врска со ова прашање, во далечната 2009 година, и сега во 2018 година. Како и за многу други прашања, законот предвидува заштита за граѓаните од оваа форма на злосторства, но сепак, де факто, спроведувањето на овие диспозиции во пракса, оставаат многу …
Ако се гледаат статистиките од невладините организации, се забележува дека во нашата земја доминираат злосторствата од омраза, мотивирани од меѓуетничка омраза. Овие злосторства се на врвот на списокот на мотивите на овој криминалитет, составен од Хелсиншкиот Комитет за човекови права во рамките на програмата „Злосторства од омраза“. Ако ги погледнете статистиките од ОБСЕ за оваа проблематика во реонот, ќе забележите дека Северна Македонија нема официјални статистики. Официјално, во нашата земја не постојат злосторства од омраза. Тие постојат само напишани во законот. Додека ние сведочиме за истите секојдневно, како што ги гледаме пријавени како инциденти од омраза од страна на невладините. Игнорирањето не не прави да изгледаме подобро ниту едни пред други, ниту во очите на светот. Со игнорирање, овој проблем се става под тепих. Игнорирањето мора да заврши и нашите институции мора отворено да се соочат со оваа форма на криминалитет. Ова ќе биде доказ дека Северна Македонија не само декларативно, туку и институционално решила да ги смета различностите како вредност и без страв да ја третира омразата.
Злосторство од омраза е секое кривично дело коешто се прави заради некаква групна карактеристика на жртвата. Што значи дека делата од омраза се сметаат за потешки кривични дела отколку вообичаените, бидејќи тие го таргетираат идентитетот на жртвата. Кај овие дела жртвата се напаѓа затоа што е Албанец, Македонец, Турчин, муслиман, католик или православен. Овие дела таргетираат групи полови групи со заеднички карактеристики. Ги таргетираат жените како група, лицата со посебни потреби како група, ги таргетираат лицата од ЛГБТ заедницата како група, емигрантите како група… Токму ова групно таргетирање ги прави овие дела посериозни од другите. Казните за овие злосторства се потешки и таргетирањето на една личност заради групна припадност е секогаш отежнувачка околност според законот.
Зошто е важно да се гонат овие злосторства. Затоа што групното таргетирање на жртвите на злосторот може да има големи последици по целото општество. Да не заборавиме никогаш дека во светот, најтешките говори на омраза започнале со мали чекори.
Кога Хитлер држел говори во дваесеттите години од минатиот век, на коишто ги дехуманизирал Ромите или Евреите, никој не го сфаќал сериозно, никој не можел да замисли дека само по неколку години Холокаустот ќе биде реалност. Кога Хуту се изразувале на дехуманизирачки начин за Тутсите во Руанда, никој не помислил дека ќе се случи геноцид во текот на само 100 дена во 2004 година во таа земја. Проблемот со говорот на омраза и со злосторствата од омраза се состои во фактот што тие трасираат еден многу ризичен пат, чиј крај може да биде фатален за многу луѓе и голема траума за човештвото. Затоа злосторствата од омраза треба да се третираат веднаш кога ќе се појават, и да не се остава да ескалираат вртоглаво, со несогледиви и непоправливи последици.
Адекватното и институционално третирање на злосторствата од омраза од страна на државните органи, е есенцијално за зачувување на демократијата и еднаквоста на граѓаните. Во моментот кога овие злосторства нема да се третираат на соодветен начин, граѓаните од одредени припадности не се чувствуваат безбедно во своите домови, во своите населби, во својата држава. Оваа небезбедност ги прави сомнителни кон својата држава, којашто не им ја нуди потребната заштита. Оваа небезбедност ги прави маргинализирани. Оваа небезбедност прави да се чувствуваат туѓи во својот дом, својата населба, во својата држава. Небезбедноста никогаш не резултира со нешто добро и често е причина за други проблеми.
Европската Унија има посебни механизми за третирање на злосторства од омраза. Прилагодувањето на овие механизми на нашето законодавство и судска пракса ќе биде еден од неопходните чекори што треба да се преземат по патот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ. На крајот на краиштата, не може да се каже дека државата што сè уште нема соодветна пресуда за справување со злосторства од омраза, решила да го извади овој проблем од под тепих и отворено да се соочи со него.
пишува: Беса Арифи / ЦИВИЛ МЕДИА