Деновиве ќе стигнат во Прилеп на посебна сметка четири и пол милиона денари за главниот проект за новиот театар кој ќе се гради идната година, најави премиерот Зоран Заев при денешнипот престој во Прилеп. Ќе се реши и прашањето со водоводот до манастирот Трескавец кој е услов целосно да функционира комплексот кој ги доби новите конаци. Заев најави и други средства за инфраструктурата во Прилеп.
-Во моментов се трансферираат 4,5 милиона денари на посебна наменска сметка на Прилеп за изработка на главниот проект за новиот театар кој ќе почне да се гради следната година. Се трансферираат и 6 милиона денари за кејот „Први Мај“. Се трансферираат на посебна сметка и ќе стигнат до вторник. 54 милиона денари за два проекта: едниот од 47 милиона денари, влезени во програмата за реконструкција за водоводниот цевковод од Пашалиската ливада до главната шахта во Прилеп и 6,5 милиона денари за водоснабдување на манастирот Трескавец. Тоа се веќе влезени проекти во програмата, изјави Заев.
Во март почнува изградбата на автопатско решение на патот Прилеп-Битола и вреди речиси 100 милиони евра, а Прилеп ќе биде во првите десет градови со секундарна гасификација. Стигнаа понуди од две големи компании за гасификацијата во државава.
– Наредната година почнува секундарната гасификација на Прилеп, зашто помина првата фаза. Имаме понуда од две огромни компании за гасификација на цела Република Северна Македонија и Прилеп е во првите 10 градови кои следната пролет, веруваме, ќе почне да се гасифицира, рече Заев.
Посочи дека интензивно се работи на патот Велес-Неготино-Кавадарци-
-Верувам дека е вредно да се инвестира во такви инфраструктурни добра кои ќе донесат дополнителни инвестиции и ќе им служат на граѓаните, рече Заев во Прилеп.
Заев ги оспори обвинувањата на опозицијата дека била скапа реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ во Прилеп кој чини околу еден милион евра.
-Овој булевар е 800 пати поевтин од „Скопје 2014“, 60 пати е поевтин од имотот на ВМРО-ДПМНЕ, поевтин е од лавот во Скопје кој чини 1,4 милиона евра. Овој булевар, со подземната инфраструктура, со двојните коловозни ленти, со зелен појас и шеталиште е за векови и ќе се користи. Но лавот не може да се користи, изјави Заев.





