42-годишник го загуби животот во пожар во станбена зграда на бул. „ЈНА“ во Штип.
Командирот на Територијалната противпожарна единица – Штип, Тони Атанасов за МИА вели дека пожарот е пријавен во 10 часот и 30 минути од соседи по што веднаш е интервенирано со осум пожарникари и две противпожарни возила.
Според она што на лице место го имаат видено пожарникарите е дека мажот веќе бил починат во собата каде што бил пожарот и веднаш го локализирале со што не дозволиле тој да се шири во другите простории и низ станбената зграда.
Иако се шпекулираше дека пожарот настанал од неисправно грејно тело, сепак пожарникарите велат дека во станот биле исклучени струјата и водата, па немало електрично напојување.
Телото на починатиот штипјанец е пронајдено под неколку ќебиња со кои се покривал, а биле видливи многу изгореници.