Лидерот на СДСМ, Зоран Заев изјави дека е подготвен за лидерска средба со Христијан Мицкоски да седнат да разговараат и да се договорат околу законот за Јавно обвинителство.
„Мицкоски не знае што сака, тој ни се води ни се гони. Сепак јас ќе побарам лидерска средба, да седнеме да се договориме за законот за ЈО. Јас ќе се обратам до осумте независни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за Преспанскиот договор, бидејќи ни треба двотретинско мнозинство да се изгласа законот за ЈО“, додаде Заев, денеска на прес-конференција.
Заев очекува и од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го гласаат законот за ЈО, а не да го блокираат.
Тој додаде дека не сака никакви провокации или закани кон Грција, бидејќи „создадовме пријатели и стратешки партнери со Грција“.
„ВМРО-ДПМНЕ не се сега само партија, тие имаат свои министри и заменици-министри во Владата. Затоа не смееме да си играме играчки со Преспанскиот договор“, нагласи Заев.
Од СДСМ велат дека се подготвени, а дека ВМРО-ДПМНЕ не се подготвени за разговор денеска.
„Договорено е утре да се сретнат претставници на лидерите за да договорат динамика на разговорите. Ние очекуваме од нив конкретни позиции и амандмани на писмено што до сега не сме ги добиле и најавуваат дека тоа ќе го направат дури во среда“, брифираат од СДСМ.
Новиот предлог-закон за Јавното обвинителство кој го изготви Министерството за правда предвидува сите случаи кои беа во надлежност на СЈО, а ги презеде државниот обвинител Љубомир Јовески да бидат предадени во рацете на шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
За негово усвојување потребна е подршка од 80 пратеници. Иако не е услов за почнување преговори со ЕУ, сепак пораките секогаш беа дека мора да се работи на негово донесување.
Законот за ЈО уште од јули минатата година е влезен во собраниска процедура.