Непосредно пред парламентарните избори во Грција, професорот од Универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“ Јанис Армаколас, новинарката од радиото „Атина98.4“ и „Макрополис.гр“ , Александра Вудури за МИА анализираа какви промени би донела промената на власт во Грција во однос на Договорот од Преспа, со оглед на тоа дека, од тогаш опозициската Нова демократија, предизборно постоеја изјави за можна ревизија на договорот.
Иако претставници на Нова демократија, како опозиција и во предизборниот период, тврдеа дека доколку дојдат на власт ќе направат промени во Договорот од Преспа, сега, ставот на официјална Атина, изразен неколку пати од членови на актуелната грчка влада, е дека земјата има континуитет, а Грција е против ревизија на меѓународните договори.
Шест месеци подоцна, Армаколас и Вудури, во разговор со дописничката на МИА од Атина, повторно ја анализираат ситуацијата во однос на Договорот од Преспа, но во обратна насока, во пресрет на изборите кај нас – што би можела да донесе евентуална промена на власта, ги анализираат и изјавите од ВМРО-ДПМНЕ за можноста за ревидирање на договорот. Но, ги коментираат и поврзаноста како и можното влијание на француското вето за членство во ЕУ врз самиот договор.
Професорот Армаколас коментира дека изјавите што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ „се чини дека веројатно се предизборни, а не обработени позиции што ги земаат предвид сите параметри и веројатните последици од некои потези“.
-Дури и една силна влада што е против Договорот од Преспа има конкретен простор на движења. Договорот не може да се ревидира во насока во која некои замислуваат, бидејќи и во Атина има влада која што би сакала промени точно во спротивната насока. Па така, говориме за еднострани активности. А таму, просторот за директно таргетирање на договорот е ограничен. Не постои очигледен и лесен процес на еднострана промена. Меѓународните услови и политиките на западните земји во никој случај не се наклонети кон директно поткопување на договорот, а апсолутно е сигурно дека Атина бурно ќе реагира, блокирајќи каков било напредок во процесот на интеграција во Европската унија, вели професорот Армаколас.
Тој објаснува дека дури и најмалиот потег на директно поткопување на договорот, брзо ќе ги одведе двете земји во условите „на студената војна од 90-те години“. Коментира дека директното таргетирање на договорот не е веројатното сценарио.
-Мислам дека поверојатно би било едно индиректно и од низок профил поткопување на договорот. Но, многу бргу би се докажало дека и овој пат води до слични негативни последици. Дури и со задоцнување, грчката страна би сфатила дека Северна Македонија го поткопува договорот, објаснува професорот и додава дека при вакво сценарио, би се зајакнале и „поострите“ гласови во Грција, а со тоа грчката влада „би била принудена да го заостри ставот кон Северна Македонија“.
Со сличен став е и искусната новинарка од радиото „Атина98.4“ и „Макрополис.гр“ , Александра Вудури, која во разговор со дописничката на МИА од Атина, вели дека станува збор за меѓународен договор што подеднакво ги обврзува и двете земји.
-Ова значи дека ако едната од двете страни се обиде да го ревидира или да го поништи или да не го спроведе, тогаш се дава можност за поништување и од другата страна. Впрочем, врз основа на ова и Кирјакос Мицотакис, иако како лидер на опозицијата беше против Договорот од Преспа, уште од прв момент изјави дека по ратификацијата ќе биде почитуван, а како премиер веќе бара целосно спроведување. Во Северна Македонија, каде што веќе неформално е започнат предизборниот период, изјавите на функционери од ВМРО, партијата што исто така застана против Договорот од Преспа, се горе долу очекувани, бидејќи јасно се за собирање на нивните приврзаници, но и за да ги привлечат сите оние кои што се чувствуваат разочарани од последните случувања на европско ниво особено по „ветото“од Франција минатиот октомври за почеток на пристапни преговори, вели новинарката.
Вудури го споменува ставот од лидерската средба одржана под претседателот Пендаровски минатата година, каде што сите партии излегоа со заедничка позиција дека се за европска перспектива на земјата.
-Договорот од Преспа обезбеди тргање на грчкото „вето“, првпат по десет години соодветни препораки од Европската комисија за почеток на пристапни преговори за соседната земја. Затоа, тешко дека една влада под ВМРО би го загрозила европскиот тек на земјата, коментира Вудури, додавајќи дека, според неа, она што би можело да се очекува е со евентуалната влада на ВМРО-ДПМНЕ да има доцнења во имплементацијата на одредени делови од договорот „нешто што одново би ги отежнало односите меѓу Грција и Северна Македонија, кои сега се во правилна насока“.
Договорот од Преспа не е во опасност поради француското вето за членство во ЕУ
По француското вето пред три месеци за почеток на пристапни преговори со Европската унија, во Грција се отвори дискусија дали можеби со блокадата од Париз, се става во опасност имплементацијата на Договорот од Преспа.
-Лично, мислењето што го имам изразено е дека Договорот од Преспа не е директно во опасност. Односно не гледам видлива опасност за основните одредби на договорот како резултат на доцнење во почеток на интегративниот процес на Северна Македонија во ЕУ. Напротив, сметам дека постои опасност од една евентуална политичка промена во Северна Македонија, ако одново започне една игра на „мачка и глушец“, каде што довербата меѓу двете страни, што со голема тешкотија беше изградена, ќе се урне и и двете страни ќе почнат со меѓусебни обвинувања во однос на спроведувањето на договорот, објаснува професорот Армаколас во разговор со дописничката на МИА од Атина.
Тој додава дека за Грција, основна опасност не е дали еден или друг документ или институција го користи или не новото име, туку вистинскиот проблем за Грција е, „ако во услови на неуспех на европската визија на Северна Македонија, нејзините политички сили го загубат интересот за процесот на помирување со соседите“.
Професорот коментира дека во Грција, јавниот дијалог ја губи суштината и прекумерно се фокусира на детали за Договорот од Преспа „често без познавање на самиот текст или разбирање на Северна Македонија“.
-Напротив, најголемата предност на договорот, а тоа важи и за двете земји, е тоа што создава рамка на тесна соработка која, доколку се третира со сериозност и визија од двете страни, може да создаде, нови услови на Балканот за политичка и економска соработка и поврзаност на двете општества. Може да послужи како пример за поширокиот регион и може одлучно да придонесе во промената на климата на Балканот и консолидацијата на европскиот пат за сите земји во регионот, истакнува Армаколас и додава дека за жал голем дел од оние кои во Грција учествуваат во јавниот дијалог, не ја разбираат важноста на овие работи.
Новинарката Вудури вели дека загриженоста на Атина во однос на Договорот од Преспа, била моментална, а изјавите на Макрон веднаш по Самитот на ЕУ, во Грција биле оценети како потег кој ја поткопува грчката стратегија за проширувањето и Солунската агенда, со оглед на тоа дека „Грција цврсто го поддржува проширувањето и интеграцијата на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, бидејќи е и во нејзин интерес, но и во интерес на регионот“.
-Во овие рамки беа и ќе бидат соодветните иницијативи на владата, како на пример појадокот што го организираше министерот за надворешни работи Никос Дениас минатиот декември на кој беа поканети неговите колеги од Северна Македонија и Албанија, со основната тема – перспективата на проширувањето. Додека пак се подготвува Самит на земјите членки на ЕУ со Западен Балкан кон крајот на февруари, објаснува за МИА искусната новинарка.