После трагичната смрт на легендарниот Коби Брајант, тагата на светската јавност ја преплави земјината топка. И како што тоа секогаш бива, во знак на сеќавање на кошаркарските и човечки вредности на великаните, се јавија различни анегдоти и симпатични вести поврзани со Коби – Црната мамба.
Она што денес беше интересно за македонската јавност, е фотографијата на која Коби Брајант и Трејси Мекгреди се сликани со неколку дечки и македонското знаме.
Од социјалните мрежи дознаваме дека фотографијата е од 1998 година од Стритбол Светското првенство одржано во Париз, Франција.
На фотографијата покрај Коби и Мекгреди се: прилепчаните Менде Папазоски – Папазо, Алмир Мифтароски, Дарко Спиркоски – Пицако и штипјанецот Марјан Ѓуров.
Како што се гледа од архивите, македонската екипа „Алфа1“ на четвртото Светско првенство во Стритбол во Франција го освоила шестото место. Резултатот е постигнат во конкуренција од 31 екипи од целиот свет, кои биле поделени во 8 групи по четири екипи во група, со исклучок на групата во која биле македонските претставници од екипата на Алфа1 каде имало три екипи.
Во нашата група биле претставниците на Франција и Сингапур. Нашите дечки го освоиле првото место во групата со победи над Сингапур и над домаќинот Франција. Во осминафиналето ја победиле Унгарија, а во четвртфиналето загубиле од СР Југославија, кои потоа станале и светски прваци.
Покасно нашиот тим ја совладал Полска, а изгубиле од Хрватска, со што се пласирал на шестата позиција.
На СП во Стритбол во Париз биле присутни и врвни стручњаци од светот на кошарката, како легендарниот тренер Божидар Маљковиќ, а посебен шмек на СП му дале и тогаш светските неприкосновени НБА ѕвезди Коби Брајан и Трејси Мекгреди со кои нашите момци успеале и да овековечат една вака силна фотографија со македонското знаме.
Штета што ова добива на популарност во еден вака трагичен момент како што е смрта на Коби, но вредно е да не се заборави.
Почивај во мир легендо.
Ј. Ѓорѓиоски