СМС комуникацијата помеѓу Зоран Заев и Бојан Јовановски, што беше презентирана во судница во процесот „Рекет“ е своевидно продолжение на исказот на сведокот Орце Камчев, кој директно е учесник во предавањето на парите на Боки 13 со намера да поткупи обвинителски структури кои ќе му го олеснат предметот „Империја“ во заедно со Сашо Мијалков и уште неколкумина други се гонат за милионски финансиски криминал. Имено, во телефонските пораки, Заев го известува Боки 13 дека не може да го прими на состанок и дека кривичното дело на Јовановски е толку сериозно што Заев, како тогашен премиер кога се одвивала комуникацијата, бил згрозен од доказите во случајот, па дури и му пишал на Боки 13 дека ова е сериозно досие на обвинителството, пишува НОВА ТВ.
Претходно, кога Камчев имаше свое излагање во случајот потврди дека се сретнал со Заев и дека лично премиерот инсистирал случајот да се пријави во Јавното обвинителство, што и било направено. Значи постојат најмалку два доказа кои му одат во прилог на Заев во случајот „Рекет“ – смс пораките од телефонот на Боки 13 и исказот на Камчев. И како трето – случајот „Рекет 2“, во кој е обвинета и екс партиската функционерка, Фросина Ременски.
Сето ова упатува на дилемата како СДСМ, преку Законот за јавно обвинителство, сака да има амнестија за случајот „Рекет“ – теза што ја застапува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Откако на Христијан Мицковски му пропаднаа сите обиди, преку опструкции, да не се донесе законот, со цел да ги заштити партиските криминалци да одговараат пред судот за кривични дела а со тоа да ја подобри изборната позиција, сега упорно повторуваат пред јавноста дека законот носи скриена амнестија. А, со тоа и амнестирање на делото „Рекет“, па дури и на самиот Заев како инволвиран во случајот.
Но, дали навистина постои вмешаност на Заев или тоа е содржано само во јавните настапи на ВМРО-ДПМНЕ со цел да имаат причина со која ќе се правдаат зошто не го гласаат законот?
„Самите пораки се доказ, јас не знам за пораките, односно не можам да се сетам на сè. Можеш да бидеш газда на провладин медиум, може да ги поддржуваш моите политики, може да ме величиш колку сакаш, но ако си се огрешил пред законот има да си одговараш“, изјави Заев откако судот ги презенитараше пораките.
Третиот факт што го користи СДСМ за да докаже дека Заев нема вмешаност во случајот „Рекет“ е предметот „Рекет 2“ во кој има обвинето поранешна партиска и државна функционерка. Таа е уште еден пример дека во борбата против криминалот не постои селективност и дека обидите да се воспостави правна држава не препознаваат партиска припадност – аргументираа деновиве од СДСМ.
Покрај сето ова, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да тврди дека некој од власта сака некого да амнестира, особено во случајот „Рекет“. Дали оваа теза е лажење на македонските граѓани и загрозување на правниот поредок на државата или ВМРО-ДПМНЕ навистина верува во ова? – Како може да амнестирате некој од нешто, ако претходно за истото нешто тој некој пријавил и веќе има две обвиненија со обвинети и со докази.
Текстот е на НОВА ТВ.