Од наши извори дознаваме дека Националниот демократски институт (НДИ) спровел истражување на јавното мислење на граѓаните (анкета), каде меѓу другото биле мерени и рејтинзите на политичките партии.
Анкетата е спроведена во периодот од 26 февруари до 5 март на 1.200 испитаници, теренски, пред започнување на кризата со коронавирусот. Како што дознаваме, на прашањето „Ако денеска се одржат избори за која политичка партија ќе гласате?“ 22,9 проценти од испитаниците одговориле дека ќе гласаат за СДСМ, а 3,3 отсто помалку или 19,6 одговориле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Имајќи предвид дека анкетата биле спроведена пред официјализирање на коалицијата СДСМ-БЕСА, за албанската партија се определиле 1,7 проценти од испитаните граѓани. Со тоа, вкупната предност на СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ изнесува 5 проценти според истражувањето на Националниот демократски институт.
Предвремените парламентарни избори беа закажани за 12 април, но поради ширењето на коронавирусот тие се одложија, а се уште е непознато кога тие би се одржале. Имајќи предвид дека по оваа анкета следуваа други одлуки, како членството во НАТО, очекувавно е рејтингот на власта да биде во значителен пораст, велат аналитичари за нашиот медиум.