Министерот за здравство Венко Филипче, на денешната прес конференција истакна дека во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје (11), Прилеп (4), Куманово (2), Тетово (1). Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот изнесува 219 лица.
Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во:
– Скопје (134), Дебар (43), Куманово (17), Штип (8), Прилеп (6), Охрид (3), Велес (3), Кавадарци (2), Тетово (2), Гостивар (1). До денес имаме 3 излекувани пациенти и 3 починати, истакна Филипче.
Во врска со шпекулациите дека бројките не се точни, Филипче потенцира дека бројките се апсолутно точни и да нема дилема во јавноста дека има простор за манипулација со бројките. Од вкупно 41 во Клиниката во Скопје, 7 се во потешка манифестација, но се респераторни независни. 27 пациенти се со средно тешки манифестации, а 7 се со лесна манифестација на симптомите од корона вирусот.
Филипче информира дека од Заводот во Козле земени се материјали од 18 вработени и од сабота ако е сè во ред, се очекува да се почне со работа и таму.
Тој додаде дека денес се поделени 3000 заштитни маски и хируршки ракавици на матичните лекари, а утре се чекаат уште 3000 маски и ракавици за матичните лекари.
– „За кратко време се очекува поставување на мобилна болница до Инфективната Клиника во Скопје, која ќе има капацитет од 130 кревети, со што ќе се дуплира капацитетот на Клиниката. Во таа мобилна болница ќе ги има сите потребни услови за вршење на здрвствена дејност.
Имаме линерано зголемување на заболени што е добро. Здравствените капацитети се спремни“, потенцира министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција.
Ј. Ѓ.