Министерот Венко Филипче информираше за последните промени и најнови информации кои претходно ги сподели на редовната прес конференција.
Преку статус на Фејсбук, министерот ги истакна најважните точки:
„Завршен е увидот на Институтот за судска медицина на лицата коишто беа најдени починати во нивниот дом, мајка и син. Според сите анализи смртта настапила пред 3 до 5 недели од моментот на пронаоѓање што е практично во текот на март, а не во текот на јануари.
Во истражниот затвор во Шутка завршени се сите анализи. Земени се околу 50 тестови и сите се негативни.
Во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров исто така сите тестови се негативни. Реорганизирана е работата и институцијата функционира најнормално.
Академијата во МАНУ почнува со работа од денеска со капацитет од 100 тестови.
Нашата земја успешно го амортизира ширењето на епидемијата. Имаме линеарен пораст на бројот на пациенти. Здравствениот систем успешно се справува со третман на заболените, болничките капацитети воопшто не се оптоварени. Оваа наша првична стратегија очигледно добро функционира и дава резултат во досегашното менаџирање. Сите резултати ги носевме исклучиво врз основа на препораката на стручните лица – членови на Комисијата за заразни болести и никако поинаку.
Комисијата за заразни болести до Владата ќе достави предлог измени во однос на времетрањето на полицискиот час и носењето на заштитна опрема на граѓаните.“ – напиша Филипче.