Националната Координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска по успешната трансплантација на срце од починатата Емилија Динева упати силна порака која на својата фесбук фан страница ја објави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Треба да вложиме во едукацијата – што значи органодарителство по смртта. Целиот овој процес немаше да биде успешен доколку не постоеше семејството кое со најголема емоција ги даруваше органите. Верувајте многу е тешко кога сте тажни да донесете рационална одлука и да бидете во тој момент хуман, и човекољубието да биде над вашите внатрешни најдлабоки емоции. Семејствата се тие кои се херои. Трансплантација на срце, за првпат се случи во нашата земја и сметам дека може само да ни даде уште поголема волја и надеж за да продолжиме со уште поголем ентузијазам и попосветено на оваа проблематика. Изразувам сочуство на семејството, но сакам и да им кажам дека срцето на нивната драга чука и дека во суштина сѐ уште живее“, изјави Националната Координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска.