Еден од потпретседателите на СДСМ, Коста Петров во вечерашното вклучување во „Топ тема” на Телма потврди дека кластерот кој се појави во СДСМ потекнува од два состаноци на потесното партиско раководство одржани во вторник и во четврток.
Петров, кој присуствувал на вториот состанок одржан во четврток, рече дека на состанокот биле почитувани сите протоколи за заштита од коронавирусот, а подоцна дознале дека Зекири е позитивен на коронавирусот.
„Од она што беше советувано од епидемиолозите е Марјан Забрчанец да оди во превентивна самоизолација бидејќи седеше во делот каде седеше и Мухамед Зеќири на состанокот во четвртокот. Ние останатите немавме директен контакт со него, ги почитувавме сите протоколи, а лично за мене, според епидемиолошката анкета ми беше кажано дека не треба да одам во самоизолација, но јас превентивно денес направив тест за корона и сум негативен.
Самоизолацијата на Манчевски и Царовска се резултат од состанок одржан во вторник вечер на којшто присуствувале Манчевски, Царовска, Лукаревска и Зеќири. Манчевски и Царовска се во самоизолација и двајцата се негативни, а за Зеќири и Лукревска веќе ги знаеме резултатите. Спасовски е во самоизолација заради средбата што ја имал викендов со Лукаревска. Согласно направената епидемиолошка анкета оценето е дека Славјанка Петровска нема потреба да оди во самоизолација со препорака да продолжи да носи заштитна опрема”, изјави Петров.