По престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, одлучи вечерва Владата на Република Северна Македонија.
Во сила остануваат мерките за самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома, како и сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот КОВИД-19, се вели во одлуката на Владата.
Владата исто така го измени Протоколот за редовна работа на моловите, со што работното време на овие објекти се определува во периодот од 10:00 до 22:00 часот, со исклучок на недела кој останува неработен ден.
Со претходно донесениот протокол моловите работеа со скратено време од 10 до 18 часот, секој ден освен недела која беше одредена за неработен ден./МИА/