Владата ќе им прогледа низ прсти на најмалку 160 газди кои парите од државата за исплата на минималец за работниците прво си ги ставија во џеб, па ги исплатија. Од првичниот список кој броеше над 570 фирми, 158 во меѓувреме ги префрлиле парите. Иако сите рокови за исплата одамна се завршени, сепак тие ќе се спасат од кривични пријави за злоупотреба на државни пари. Генералниот Секретатијат ќе чека до утре, и дури потоа, последниот пречистен список од УЈП ќе го достави до Обвинителството, објави Телма.
– Ќе почекаме до утре УЈП да ни го прати пречистениот список и тој понеделник ќе го доставиме до Обвинителството. Тие кои исплатиле во меѓувреме нема да бараме да се гонат кривично – вели Драги Рашковски.
Првичниот список броеше над 570 фирми кои добиле речиси 322.000 евра за два месеци, но не исплатиле ниту денар на сметките на 1.422 работници. Владата не даде рок до кога ќе ги чека газдите да ги исплатат парите кои ги добиле од државата. Но, неколку пати се ажуришаше, па последниот список сега брои 413 фирми – неплаќачи. Другите 158 во меѓувреме исплатиле 95.000 евра на 422 вработени за два месеци.