Израелската Влада денеска донесе одлука за заострување на мерките за контрола на коронавирусот, откако беше забележано алармантно зголемување на бројот на новозаразени.
Во Израел на 18 септември беше воведен втор карантин од почетокот на епидемијата, но во текот на изминатата недела дневниот број на нови инфекции достигна речиси 7.000 во земја со околу девет милиони жители, а вчера беа регистрирани 6.861 нови случаи на коронавирус, што е рекордно зголемување.
Новите мерки, кои стапуваат на сила утре, предвидуваат затворање на уште некои продавници и воведување нови ограничувања за патување, објавија израелските медиуми по владината седница што заврши доцна синоќа.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека експертите проценуваат дека земјата, доколку не се преземат итни и тешки чекори, може да дојде „на работ на бездната“.
Во Нов Зеланд пак, се ублажени одредени мерки против коронавирусот, откако се намали бројот на новозаразени лица, така што од полноќ маските повеќе не се задолжителни во јавниот превоз.
Обврската за носење маски во јавниот превоз останува на сила во Окланд, каде што е жариштето на неодамнешниот нов бран на заразата, како и во авионите низ целата земја, пренесува Би-Би-Си.
Во Нов Зеланд, кој се смета за добар пример за брз одговор на пандемијата на коронавирусот, животот се врати во нормала во најголем дел во јуни, но вирусот почна повторно да се шири во август, поради што беше воведен карантин во Окланд, а одредени ограничувања беа вратени во другите градови.
Во таа земја, од почетокот на епидемијата се потврдени 1.468 случаи на коронавирус, а 25 лица починаа.