пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Киби е од старата школа, во која доминираа знаењето, одговорноста, солидарноста и погледот кој е зад далечните хоризонти.
На Фејсбук разбрав дека починал Градимир Јовановиќ – Киби. Голем новинар и човек. Каков што оваа невреме не може да роди или не може да го моделира ако се случи, сепак, да го роди.
Тој е од старата школа, во која доминираа знаењето, одговорноста, солидарноста и погледот кој е зад далечните хоризонти.
Денеска хоризонтите не се подалеку од носот и од плиткиот џеб, а и така и така зад нив никој нема намера да ѕирка или, уште помалку, да ги поместува.
Во радиското новинарство, во категории што денеска речиси дека не постојат, постигна врвни резултати, а со покренувањето на „Слободен печат“, го заокружи својот импресивен опус.
Освен што го почитував како новинар, го сакав и поради шармот што го носеше во ставата, во ликот, во гласот и во муабетот. И тој ме почитуваше мене. Бевме на иста линија во анализата на македонската драма и високо ги почитуваше моите напори.
Напиша и една велелепна колумна во „Слободен печат“, во која бранејќи ме мене од идиотските напади, всушност, говореше за правецот од кој Македонија не смее да скршне ако сакат да ја биде. Се согласувавме. И тогаш и сега и секогаш ќе му бидам благодарен.
Адио, Киби!