Од 5-ти октомври до вчера, за 20 дена починале 159 граѓани позитивни на ковид 19. По вчерашниот пик со 22 починати за 24 часа одговорот од надлежните за причините е ист како и претходно. Огромен процент од починатите пациенти се со коморбидитети, но голем број пациенти и касно доаѓаат во болница со тешка манифестација на болеста, вели министерот Филипче .
Според Филипче некогаш и хроничната болест можеби била директна причина за смртта, а не вирусот, сепак тој смета дека е битно е да се регистрираат сите заболени од ковид 19 за да се добие реална епидемиолошка слика за земјава.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски рече дека во просек 80 отсто од сите регистрирани случаи со Ковид-19 се асимптоматски или се со многу лесна незначителна клиничка слика.
Тој рече дека 12 до 14 проценти имаат лесна клиничка слика односно се со лесно изразени симптоми, а два до четири отсто завршуваат на Клиника.
– За некого тоа се вика температура, слабост, малаксаност, кашлање, отежнато дишење, запушен нос, каде што пациентот ќе остане дома и ќе ја прима терапијата. Просечно, два до четири отсто завршуваат на Клиника. Овие два до четири отсто имаат најчесто воспалителен процес на белите дробови или некој друг коморбидитет што му ја усложнува клиничката слика, рече Караџовски на денешната прес-конференција во одговор на прашање.
Тој посочи дека еден до четири отсто завршуваат на респиратор, а има во просек 15 до 20 хоспитализации дневно.
– Да, здравствениот систем трпи, здравствениот систем има можност да ги растегне тие клинички капацитети и нови интернистички одделенија да постанат ковид одделенија. Меѓутоа се има своја мерка. Лабораториите се тие што ќе можат сукцесивно да набавуваат илјада тестови. Ние финансиски ќе издржиме, тоа не е спорно. Спорно е само кога здравствените работници ќе паднат, додаде тој.
Караџовски истакна дека од минатата недела има 50 студенти на пета и шеста година на Медицинскиот факултет, кои добија можност да навлезат во епидемиологија и да прават епоидемиолошки анкети. За таа цел, како што рече, вклучена е дел од социјална медицина и дел од медицина на трудот.