На крајот од гостувањето во емисијата „Само интервју“, Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести во апел до граѓаните повика на внимателност и почитување на мерките, затоа што другата опција е погубна. Чувајте не нас, за ние да ве чуваме вас, рече Караџовеки.
„Нашите капацитети се ограничени, нашите епидемиолози и инфектолози се ограничени, не можеме да измислиме нови. Затоа да се чуваме секој поединечно, а со тоа и колективно. Ќе ги повикам сите граѓани- чувајте не нас за ние да ве чуваме вас. Само така е можно да се справиме со вирусот. Не слушајте секого, има лекари, има комисија, има мерки“, рече Караџовски.
Тој уште еднаш повтори дека најважно е сега носењето маски, држењето дистанца, миењето раце и избегнувањето групи. Ако ова се почитува тогаш можеме да очекуваме намалување на бројките.
Во контекст на намалување на заразата здравствените власти донесоа нови мерки чии резултати од почитувањето ќе се знаат за три до четири недели. Според Караџовски само доследно почитување на мерките може да се очекува намалување на бројот за заразени. Кога во април и мај се намали бројката на заразени, а здравствените власти ги намалуваа мерките народот мислеше дека е готово, пандемијата заврши.
„Ние никогаш не сме рекле дека завршила пандемијата. Оттогаш наваму се менуваа работите и сега имаме страшни бројки“, изјави Караџовски.