Во Словенија, потврдени се 2.217 нови инфекции со коронавирус во последните 24 часа од 7.515 тестови, објави денеска словенечката влада, но нема договор за тоа дали треба да се заострат рестриктивните мерки.
Во моментов има 1.171 пациент примен во болниците од Ковид-19, што е за 19 повеќе од претходниот ден, а од нив 193 се на интензивните одделенија, со уште двајца пациенти во последното деноноќие.
Бројот на починати во последните 24 часа е 27, така што вкупно 605 лица починале од Ковид-19 од почетокот на епидемијата, објави Министерството за здравство.
Како што објави министерот за здравство Томаж Гантар во својот твит, бројот на нови пациенти е двојно поголем од претходниот ден, а процентот на позитивни тестови е 29,5 проценти, што, според него, е знак дека треба да се засилат мерките.
Бројот на нови инфекции опаѓа премногу бавно, расте потребата за нови болнички кревети, а здравствените работници се исцрпени, меѓу нив има и многу заразени. Додека не се појави ситуација кога ќе има повеќе отпуштања од болниците отколку прием на нови пациенти, ова е состојба во која би било добро да се засилат мерките, рече Гантар.
„Подобро е да се засилат мерките на пократок период, со цел да се овозможи транзиција кон новата нормалност што е можно поскоро“, напиша во својот твит словенечкиот министер за здравство, кој претходниот ден потврдил дека и предложил поостри мерки на Владата.
Гантар предложил заострување на постојните ограничувања за ограничено време од две недели, за да се намали ризикот вториот бран на епидемијата да добие уште посериозни димензии.
Сепак, владата засега не се согласува со тоа, па владиниот портпарол Јелко Кацин на владината прес-конференција изразил оптимизам дека епидемијата се смирува и ги толкувал вчерашните резултати поинаку од Гантар.
Според него, малку повисокиот процент на позитивни тестови е резултат на промената на протоколот според кој членовите на семејството на заразените се тестираат последните денови, состојбата во болниците е сеуште сериозна, но растот на хоспитализираните не е толку изразен како порано,на 3 ноември, кога бил највисок “.
Вкупниот број на потврдени инфекции од почетокот на епидемијата се искачил на 48.934, од кои 20.712 случаи се активни, а инциденцата од 14 дена е намалена на 988 заразени.







