„ЦИВИЛ со години се бори, објавува и зборува за лажните вести, хибридните напади против демократијата и дезинформациите, но требаше Европскиот Парламент да дојде и да ни каже дека имаме напад на демократијата и со тоа само ги потврди нашите наоди“, изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ, во Утрински брифинг.
„И највисоките европски, светски институции и меѓунардони организации постојано упатувале на проблемот со лажните вести, дезинформациите и на хибридните закани против демократијата, но тоа секогаш било ставено во “свилени“ дипломатски ракавици и не допирало до јавноста. Тоа е една ситуација во која меѓународниот дипломатски речник не дозволува директно откривање, разобличување на одредени појави и личности“, додаде Дерала.
Зборувајќи за студијата на Европскиот парламент „Мапирање на лажните вести и дезинформациите на Западниот Балкан“, Дерала рече дека таа е јасна порака и сигнал до институциите дека ако не се преземе нешто ќе имаме сериозен проблем како земја во процесот на преговарање.
„Во извештајот се забележува дека лидерот на опозицијата е нотиран дека шири дезинформации и лажни вести, но ние знаевме дека лидерот на опозицијата шири лаги, но требаше да дојде абер од Брисел да ни ги потврди наодите… Немаше да има ваква реакција доколку беше само внатрешен конфликт во нашето општество или Балканот, но за среќа се засегнати европските интереси… НАТО донесе стратегија за борба со хибридните закани и треба да продолжиме со пожестоко темпо против хибридните напади и дезинформациите“, заклучи Дерала.