Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ги презема сите неопходни чекори согласно законските обврски, еден месец пред официјалниот почеток на откупот на тутунот од страна на откупувачите, напиша попладнево министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа на официјалната фејсбук страница на МЗШВ, а во врска, како што стои во објавата, со лажните вести кои кружат на некои сомнителни страници на социјалните мрежи, кои по секоја цена се обидуваат да ја оцрнат мојата работа како министер и ја искривуваат реалноста во врска со моменталната состојба на тутунопроизводителите и откупот на тутунот.
Според Законот, наведува Хоџа, откупот на тутунот почнува од моментот на потврда на примероците (15 ноември) и не подоцна од 15 декември. Соодветно на тоа, некои од компаниите што откупуваат тутун почнаа од 16 ноември и до денес се отворени скоро сите откупни пунктови.
-На местата каде се врши откуп на тутун, има повереници од Сојузот на здруженија на производители на тутун, кои имаат обврска да го штитат интересот на тутунопроизводителите, а во случај тутунопроизводителот да не се согласи со проценката на класата на тутун, има право да поднесе приговор, после кој се формира второстепена комисија каде учествуваат 3 члена (еден од откупувачите, еден од производителите и претставник од МЗШВ). Одлуката на оваа комисија е задолжителна и откупувачот на тутун мора да ја почитува. Улогата на МЗШВ е да ја следи целата ситуација и да не дозволи тутунопроизводителите да бидат оштетени во целиот овој процес, додека во однос на цената на тутунот ова е регулирано прашање засновано врз пазарната економија и ние како Министерство не можеме да влијаеме кон приватните компании околу цената на тутунот, но нивна обврска како откупна компанија е да го истакнат ценовникот на јавно место, но и производителите на тутун да се известат за цената, пишува министерот.
-МЗШВ е отворена за комуникација со сите засегнати страни и на транспарентен начин ќе одговориме на секое барање за сите прашања што се во надлежност на Министерството за земјоделство, наведува Хоџа.