Илијадници хрватски граѓани на социјалните мрежи нудат помош за настраданите во денешниот разорен земјотрес кој ги погоди Петриња, Глина и Сисак со околината. Се нуди помош буквално во секаков облик. Помош во потрага, камп приколки, сместување на оние кои останаа без покрив над глава, храна, донации, пари. На Фејсбук постои група The Earthquake in Central Croatia на која луѓето се пријавуваат дали се безбедни и дали го преживеале земјотресот.
Во групата може да се забележат пораки на сограѓани од цела Хрватска, компании, продавници, хотели, кои сакаат да им се најдат на оние на кои животот им се промени во само неколку секунди.
Во духот на солидарноста, помош понуди и наш сограѓанин кој напиша дека ја нуди својата куќа во Скопје за 8 луѓе во наредните 6 месеци. Понуди за помош пристигнуваат и од други Балкански земји.
Исто така и пожарникар од Штип, Александар Ѓорѓиевски објави на социјалните мрежи дека доброволно заминува за Хрватска да им биде на располагање на своите колеги.
И.З.