По разорниот земјотрес во Хрватска, се појавија снимки од необичен феномен – на местата на кои земјотресот отвори пукнатини во земјата, од нив избива густа кал, пренесе А1ОН.
Таканаречената „ликвефакција“ или втечнување на тлото, е познат феномен по силни земјотреси. Тој настанува кога подземните води се излеваат и ја заситуваат земјата поместена од потресот, а почвата почнува да добива својства на течност. Целата земја околу првичната пукнатина практично се претвора во своевиден „жив песок“, кој може да претставува опасност, посебно ако тоа се случи на места на кои има градби врз нестабилното тло.
На снимката направена вчера непосредно по најсилниот потрес, на имотот на земјоделска задруга кај Сисак, се гледа како вознемирените луѓе немоќни гледаат додека под нозете им се отвораат пукнатини во тлото, кои се полнат со кал.
Силниот потрес од 6,3 степени според Рихтеровата скала вчера околу пладне го погоди регионот на Петриња, на околу 60 километри од Загреб. Поголемиот дел од гратчето со околу 25.000 жители е во урнатини, а во земјотресот загинаа седуммина жители на Петриња и околните места. Големи оштетувања има и во Сисак и во Глина.