Политички чувствителните прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања, вели вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров. Дел од бугарските политички сили можеби сакаат ова прашање и да го користат во кампањата. И не мислам дека ќе си помогнеме ако влеземе во таа приказна. Јас мислам дека е време малку да одмориме од овој проблем и практично од Бугарија. Мислам дека е време, енергијата, времето што не ни е бесконечно, тоа ни е ограничено да го инвестираме во средување на сопствениот двор, додаде Димитров.
Европската Унија не може да си дозволи луксуз и оваа 2021 година, да помине така како што помина 2020, со неуспех по проширувањето, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Се додека ние немаме опозиција која што ќе знае да застане на страна на нацијата во тешки моменти, тие нема да бидат вистинска политичка алтернатива без разлика колку мани има власта. Ние имаме опозиција која што одвај чека да чуе лоши вести, а кога нема лоши вести самата ги измислува, вели Димитров. Ако сме тргувале со националните интереси ќе почневме преговори со ЕУ, политички шизофрени се обвинувањата од опозицијата, додаде тој.
Португалија ќе се обиде да ги организира првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија во првата половина од годинава, изјави португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, чија земја го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ на 1 јануари. Најави дека португалското претседателство преку разговори со двете страни ќе настојува да се надминат недоразбирањата меѓу Софија и Скопје.
Прилагодливоста на опкружувањето и условите на глобално и локално ниво во текот на 2020 година дојдоа до израз и во работата на странските инвеститори присутни во земјава. Во Македонија странските инвеститори беа сериозно погодени уште од самата појава на Ковид-19 во Вухан, преку проблемите во фукнционирање на ланецот на добавувачи од тој регион. Падот на приходите го достигна врвот во април и мај поради затворањето на западно-европските економии, како главен таргет пазар за пласман на производите на повеќето од присутните инвеститори вели Виктор Мизо, претседателот на Асоцијацијата на странски инвестиции. Во секој случај очекувањата за 2021 се пред се’ позитивни и рефлектираат значителен оптимизам токму поради првично позитивните предвидувања, но сепак растот нема да се врати на сценаријата пред нивото од пандемијата, за кое со сигурност ќе бидат потребни повеќе од три години опоравување, додаде.
Во последниот извештај на Хенли паспорт индекс за „најпријателски” пасоши, Јапонија се најде на врвот на листата, а Северна Македонија е на 45. место, како земја чии граѓани можат без виза да патуваат во 124 држави, исто како и Црна Гора. Бугарија и Хрватска се на 18. место и нивните граѓани можат слободно да патуваат во 171 држава. Србија е на 38. место. Зад С.Македонија се Босна и Херцеговина, Албанија, Руската Федерација, Кина..
Бројот на активни случаи на Ковид-19 во државава се намалува. Вчера нивниот вкупен број изнесуваше 16.704 од кои 10.231 се во Скопје, а завчера – 16.964 од кои 10.322 од Скопје. Според податоците на Министерството за здравство за изминати 24 часа, регистрирани се нови 166 случаи со Ковид-19, починати се 10 пациенти, а оздравени се 416 пациенти.
Шефот на полицијата на Капитолот, Стивен Санд, заминува од фунцијата на 16 јануари откако службата беше остро критикувана за пропустите во обезбедувањето на Капитол по насилниот упад во Конгресот на екстремисти лојални на претседателот Доналд Трамп. Санд ја донел одлуката кратко време откако претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, го повика да си поднесе оставка.