Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вчера предложи воспоставување на потврда за вакцинација на ниво на ЕУ, како би продолжило прекуграничното патување кое е погодено од пандемијата на коронавирус. Микробиологот и професор Никола Пановски смета дека оваа идеја не е добра бидејќи можно е бидат загрозени човековите права.
„Многу интерсено е дека оние кои го прележале вирусот и имаат сертификат дека имаат 50 или 100 пати повеќе антитела над нормалата, треба да да се вакцинираат. А вакцините им требаат на оние кои не прележале, или нели, го поминале вируст без да знаат. Оние кои го прележале треба да се вакцинираат понатаму, во трета фаза. Тоа е една работа. Второ, каде се тука ЕУ и човековите права? Со кое право ќе ми бара вакцина? Грците велат дека до јуни ќе вакцинираат 70% од населението. Па ако се вакцинираат, од кого се плашат? Од моите внуци? Ќе бараат да ги вакцинираме децата и бебињата? Сами да одиме, децава дома да ги оставиме“, изјави д-р Пановски во вчерашниот Дневник на Сител.
Според д-р Пановски, на младите под 20 години не им треба вакцина и вели дека со вакви потези се прави да се вакцинираат оние кои не треба, а вакцината може да има одложено дејство.
„Не ми е гајле дали јас ќе ја примам на 66 години, а ќе имам несакани дејства на 80 години. Меѓутоа дете векцинирано на 5 години да има несакано дејство на 15 е сосема друга работа. Да избегнеме да ја даваме таму каде што не треба, или пак за да одат на одмор“, вели Пановски.
За предлогот на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, Унијата ќе расправа на видео-конференцијата која ќе се одржи на 21 јануари. Во писмото до шефот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, Мицотакис предложил воведување на заеднички сертификат за целиот блок. Сертификатот може да се користи при сите видови на превоз.
Романскиот претседател Клаус Јоханис синоќа изјави дека не е добра идејата за сертификат за вакцинација од Кoвид-19 да се користи за олеснување на патувањата на европските граѓани, посочувајќи на можноста за дискриминација.
Тој додаде дека верува дека треба да постојат потврди за вакцинација, но дека мора да се користат од медицински причини, пренесува Аџерпрес. Јоханис додаде и дека масовната вакцинација против Ковид-19 е единственото решение што е можно побрзо сите да се вратат во нормала.
И.Т.Зафировска