пишува: КРИСТИНА КОСТОВА
Секогаш кога се разоткриваат сексуалните злодела на познати и влијателни предатори, се јавуваат душегрижници кои го вперуваат прстот во жртвата и бараат милион и една причина за да ја дискредитираат.
Дискредитациите се недолични, злобни и нелогични.
Жртвите се скрутинизирани, нивните признанија се преиспитувани, отфрлани, се бара вина за наводно преувеличување, или задоцнето пријавување, или дури и за намерно лажење.
Се измислуваат секакви причини само за да не се соочат со вистината.
А, вистина е дека храброста на жртвите да проговорат се вулгаризира, нивните имиџ и кариера се нарушуваат, нивниот живот се пореметува, многу потешко од оние на обвинетиот…
Вистина е дека нема совршена жртва која постапува како во упатство за пријавување сексуално насилство.
Вистина е дека пријавувањето сексуално насилство не е купон чија важност истекува после одреден датум, туку треба да се цени кога некоја жртва ќе се осмели да проговори за својата мака и после подолг период.
Вистина е дека само минатата година сведочевме неколку случаи на жртви на силување кои после долги години докажувања, битки со негирачи на нивните трауматизирачки искуства и психолошки лузни, подлегнаа на притисокот и си го одземаа сопствениот живот.
Кога ќе се земе предвид оваа реалност, воопшто не држи вода идејата дека толку е лесно расфрлањето со обвинувања за сексуално насилство.
Затоа ужаснува леснотијата со која толку дрско и зајадливо се напаѓаат жртвите кои се осмелиле да проговорат.
Загрижува тој недостаток на емпатија, ама и таа упорност да се заштити предаторот.
Тоа само укажува на потребата да се учи и применува концептот на одобрување во меѓучовечките релации, да се зголеми нивото на свесност и сензибилитет за овие теми.
Ако ништо друго, барем новите генерации да живеат во општество кое ќе стане сојузник на жртвите и правдата, а не на насилниците.
Текстот е личен став на авторката