Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска на завршниот состанок на првата фаза од регионалниот процес на консултации за климатски промени и безбедност ја нагласи важноста од здружена климатска акција бидејќи климатските промени делуваат како мултипликатор на ризик.
Состанокот, како што соопшти Министерството, е во организација на Канцеларијата на координаторот за економски и еколошки активности на ОБСЕ. На работилницата биле презентирани проценките од обемниот процес на консултации во Југоисточна Европа.
– Процесот на консултации, во кој учествуваа претставници на владини тела, граѓански организации, академска заедница, како и регионални и меѓународни организации, служеа за идентификување на можните жаришта за безбедност на климата, регионалните предизвици и можностите за прекугранична соработка. Резултатите ќе ја формираат основата на втората фаза од проектот, што вклучува развој и имплементација на конкретни иницијативи и активности за соработка, наведуваат од Министерството.
Оваа проценка, додаваат, е добра почетна точка за понатамошен развој на конкретни проекти од заеднички регионален интерес како индивидуална проектна активност за безбедносните аспекти на климатските промени или како поврзана активност со другите тековни регионални активности.
Министерот Нуредини ја истакнал заложбата на Министерство за дополнително ангажирање во следните активности, во согласност со спроведувањето на „Зелената агенда“ на Западен Балкан и „Зелениот договор“ на ЕУ.
На работилницата којa е дел од проектот „Зајакнување на одговорите на безбедносните ризици од климатските промени во Југоисточна Европа, Источна Европа, Јужен Кавказ и Централна Азија“, воведни обраќања имале генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Марија Шмид, извршниот директор, аделфи Александар Кариус и други високи претставници на ОБСЕ, а во присуство на претставници од 57 земји-учеснички и партнери за соработка, извршни структури на ОБСЕ, вклучително и теренски операции, проектни засегнати страни во Југо-источна Европа и релевантни меѓународни партнери на ОБСЕ./МИА/