пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Апелот на медицинскиот персонал во Систина е знак дека критериумот на припадноста почнува да доминира до степен со кој се заканува да ги елиминира критериумите на правноста и моралноста. Тоа не значи дека во рамките на парцијалната припадност немаат моралност или, дури, правност, имаат или можат да имаат, но тоа не се универзалните категории на модерната цивилизација, туку аспекти на внатрешните кодекси какви што постојат во племињата, сектите, редовите, мафиите…
Критериумите со кои Систина бара Орце Камчев да се пушти од притвор не се обична грижа на вработените за судбината на својот газда или за функционирањето на системот што го изградил, туку се безобразен обид да се искриви или пресече и обесмисли правната и институционална вертикала околу која општеството и државата постојат. Дозволувам дека тие за тоа немале свест, можеби и намера, дури дозволувам дека нивните идеи биле благородни, но објективната функција и импликација на нивното обраќање е знак за катастрофата кон која јури општоста. На социјалните мрежи се заебаваа, но јас не гледам зошто фирмите на Мијалков не би стегнале уште еден, можеби, уште поемотивен трактат за својот човек во Шутка. Или семејството, пријателите и партиските другари на Јанкуловска, за Кочан и, особено, за Чавков, да не правиме муабет.
Можеме да го издигнеме третманот на апелот на Систина на уште повисоко ниво. Ако хируршката секција на болницата, од невнимание, нестручност или намерно, убие десет или сто пациенти, дали функционирањето на системот ќе го наруши тој факт или фактот дека надлежните од правосудството и полицијата дошле и ги однеле хирурзите во Шутка со образложение дека постои опасност да го повторат делото.
Кој тогаш ќе го пишува апелот?
Ова со Систина не е преседан.
Секоја активност на државата во однос на поединци или групи поврзани со вмро-дпмне, партијата ги смета за напад врз себе како политичка структура и врз своите луѓе и тоа, внимавајте, со идеја да се оневозможат да работат за спас на Македонија штитејќи ги нејзините државни и национални интереси. Не постои злодело, од пљачките, до убиствата или до луѓето што биле испратени да бидат убиени (Куманово), преку огромните наслаги партиски говна со кои е прекриена пресната историја на Македонија и нејзината култура, образование, урбанистика и архитектура, кое со помош на партискиот апарат во интерпретациите преку инструментализираните медиуми, нема од извршителите да направи жртви и херои.
Се разбира дека одредено ниво на заштита од правниот и моралниот устрој на државата и општеството, пружаат и во другите партии, да речеме и во сдсм, без сомнение, но тие не се партија која е насочена кон генерално растурање на системот, обратно, мислам дека сите скандали и афери кои избија во јавноста, се трудат да ги канализираат во системот и дури го оставаат да се рехабилитира, во едно крајно оптоварено (анти)правно наследство и во страшно тешка политичка конфигурација.
Тоа е битната разлика со вмро.
Не постојат аргументи кои можат да бидат посилни од интерпретацијата и припадноста.
Ако сакате да го убиете комшијата за да му ја ќарите жената, прво морате да се зачлените во некоја партија. Најголема сигурност од 97,8 проценти, дава вмро. Тие ќе ја водат кампањата дека комшијата сам се убил со секира по главата или дека вие сте му ја свирнале секирата во самоодбрана во моментот кога сакал да ви ги скине јајцата. Калајџиев и Кикифрики ќе се јават на Алфа со толкување на кривичниот закон во кој не се предвидува притвор и затвор за убиство со кратка и тапа секира ако убиениот го гледал убиецот в очи. Итн.
Најголемиот грев на вмро е уништувањето на заедничката правна и морална основа на постоењето. Катастрофата на тој подвиг не ја гледа никој. Не ја гледаат ниту во Горското началство на вмро, затоа што тие немаат деловна способност за такви дострели на умот. Тие се само чипирани идиоти кои извршуваат македонистички работи кои закономерно, значи без свест за тоа, водат кон растур на Македонија. Неговите членови и симпатизери мислат дека тоа растурање е патриотски чин, еве, како и пописот, но кон таков заклучок ги води фактот дека мозоците им се темелно испрани. Нивната сива маса не е во состојба да ги осознае катастрофалните последици на постапките за кои тие веруваат дека се благородни и за кои и ние можеме да мислиме дека се благородни во самата идеја, сеедно што знаеме дека се погрешни. Кога ќе ја остварат целта за која се издресирани, ќе останат без ништо. Ништо – тоа е целта на мисијата за која се ангажирани како материјална сила.
Се надевам дека нешто ќе се случи, некој Настан, во бадјуовска смисла, некој плафон во кој дезинтеграцијата ќе се удри, кога сунѓерот на општеството ќе одбие да прима нови афери и растурачки стимулации, кога некоја мала група со тромблон ќе го растури студиото во кое ќе влезат по милионити пат Лигњата, Хер Флик, Сот Ир, пураџијата од Зелениково, кога нормални типови ќе ја исечат струјата во студијата за контактни емисии со идиотите кои гледаат па уште и се јавуваат, кога обвинителите и судиите ќе сфатат дека нивната моќ е во независноста и стручноста, кога власта ќе сфати дека едно општество за сите не се прави со партиски офицери во Армијата, со лопови и фалсификатори во Собранието школувани по маркетите во Германија, со опозиција која го корумпира меѓународниот фактор и во битката за власт ја бламира и компромитира целата држава итн. итн. Едно општество за сите може да се изгради само врз основа на рехабилитација на критериумите што ги растури вмро, значи, врз основа на правото и моралот, а не врз основа на договор против тие принципи. Државата мора да ја врати својата праведност, правичност и строгост и да ја гарантира еднаквоста пред законот. Кога ние што припаѓаме само на вредносните критериуми, а не на критериумите на организациската припадноста, ке престанеме да бидеме хендикепирани.
П.С.
Морам да замолам горната елаборација околу апелот на Систина да не се третира како знак дека јас однапред ги осудувам Камчев и Мијалков. Не, другари, тоа е работа на судот. Тоа не е моја работа. Тие се во незавршена правна процедура, што значи дека, правно се невини.